И врховниот судија Наќе Георгиев се спогодил со ЈО, прифаќа да оди во затвор без да му се суди

Врховниот судија Наќе Георгиев кој беше фатен со мито од 10 илјади евра, прифаќа да оди во затвор без да му се суди. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција веќе го добило предлогот за спогодба потпишана од Георгиев со која се согласува на ефективен затвор. Висината на затворската казна ќе ја утврдува судот кој најпрво ќе ја цени постигната спогодба, па потоа ќе носи пресуда за должината на времето кое во затвор ќе треба да го мине поранешниот врховен судија.

Со оглед на фактот дека со дејствијата на Н.Г се исполнети законските битија на квалификаторниот облик на кривичното дело од чл. 359 од став 7, за кое е запретена казна затвор од 1 до 10 години, по поднесена иницијатива за спогодување и од осомничениот Н.Г., во тек е постапка за склучување предлог спогодба со која би се утврдила ефективна казна затвор, а за исходот јавноста ќе биде навремено известена.

Ваква спогодба направи и членот на советот на Јавни обвинители, Иџет Мемети како второосомничен. Признал дека со врховниот судија помогнале поранешниот градоначалник на Ново село да добие поблага затворска казна и дека за тоа биле наградени, но наместо судски процес во кој му се закануваше затвор до пет години, Мемети се одлучил за спогодба. Осуден е на условна казна од една година затвор, која нема да ја одлежи ако во следните три не го повтори делото.. Добил и забрана за вршење јавна функција.

Извпр: ТВ Сител