Екс претседателот на Косово, Пацоли: ВЈОСА ОСМАНИ НЕМА НИКАКОВ ИМУНИТЕТ НА АЕРОДРОМИТЕ

„Претседателот на Алијансата Ново Косово Беџет Пацоли објави дека шефот на Одделот за безбедност на патници при Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА) од Торонто во директен разговор му потврдил дека не постои ниеден тип на имунитет, што може да го оправда одбегнувањето на контролата на секој патник, кој лета со авион.

Ова прашање беше покренато по инцидентот со претседателката на Косово Вјоса Османи на аеродромот во Скопје.“ – објавија весникот „Лајм“ и други медиуми на македонски јазик во Македонија и во Балканот.

Инаку, Беџет Пацоли е поранешен претседател на Косово и поранешен прв вицепремиер на Владата на Косово, а сега е еден од најбогатите Албанци-бизнисмени воопшто.

Поради неговата политичка и деловна биографија, но и многу повеќе со оглед на конкретното повикување на категорична изјава на висок функционер на Одделот за безбедност на патници при Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), голема политичка тежина задобива ова јавно спротивставување на Беџет Пацоли кон вистинитоста на тврдењата на претседателката на Косово Вјоса Османи и нејзиниот кабинет, како и на искажаните тврдења и на Министерството за надворешни работи на Косово и неговата министерка Доника Грвала-Шварц, во врска со околностите на инцидентот со Османи на скопскиот аеродром.

„Лајм“ ја пренесува фејсбук-објавата на Пацоли: „Денеска бев на кратко патување во Италија со шефот на одделот за безбедност на патници на здружението ИАТА од Торонто. Падна збор за настанот во Скопје.

Тој ми потврди (она што веќе го знаев) дека не постои ниеден тип на имунитет, што може да го оправда одбегнувањето контрола на секој патник што лета во авион, особено на јавен авион каде што безбедноста на другите патници е доведена во прашање. Во случај некој патник да одбие контрола од службата за обезбедување, тогаш, меѓу другото, таа го известува пилотот на соодветниот авион и пилотот автоматски одлучува дека авионот нема да полета“, рече Пацоли.

Натаму, Пацоли изјави дека не постои ниедна инстанца, која може да му нареди на пилотот да го стартува авионот, ако е информиран дека во авионот може да има патник, кој не бил контролиран.

„Ова се случи на аеродромот во Скопје, каде што пилотот одби да го започне патувањето со патници, кои не биле подложени на безбедносна проверка и поради тоа е предизвикано долго доцнење на полетувањето на авионот со многуте патници внатре.“ – напиша поранешниот претседател на Косово Беџет Пацоли на општествената платформа фејсбук, напаѓајќи ја сегашната претседателка Вјоса Оосмани дека немала никаков дипломатски имунитет да одбегнува безбедносна проверка на аеродромот во Скопје!