ВМРО-ДПМНЕ: Обвинителството да постапи и да даде одговор каде требале да завршат 23 милиони евра по километар за пругата кон Бугарија

„Дали претходната власт на СДСМ и ДУИ ја напумпале цената и со тоа имале намера преку подизведувачи да земат стотина милиони евра од пругата кон Бугарија, без разлика што таа можеби и со децени нема да може да профункционира“, прашуваат од владејачката партија

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го повикува Обвинителството да не молчи и да отпочне постапка со која ќе даде одговор каде требале да завршат парите за изградба на третата делница од пругата кон Бугарија, односно, како што велат, 23 милиони евра по километар за пруга што завршува во тунел без крај.

На овој, како и на многу други случаи ќе можат да покажаат дали сакаат да се зголеми довербата на народот во правосудството или ќе паднат и под тие два отсто. Затоа ЈО да не молчи и да постапи“, рече Бране Петрушевски, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали претходната власт на СДСМ и ДУИ ја напумпале цената и со тоа имале намера преку подизведувачи да земат стотина милиони евра од пругата кон Бугарија, без разлика што таа можеби и со децени нема да може да профункционира.

„Зошто СДС кога знаеле дека истата не може да проработи, ја ставиле државата во обврски? Дали СДСМ имале само еден единствен мотив, а тоа е да ги потрошат парите од ЕБОР и од буџетот, без разлика дали проектот на крај ќе биде целисходен или не?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, Македонија е оставена на цедило, со големи проблеми, ограбена и со неплански проекти.

Веќе некое време функционери од власта сметаат дека средствата добиени како финансиска помош од ЕУ за изградба на железничката пруга од Куманово до „Деве Баир“ треба да се пренаменат за обнова и реконструкција на коридорот од „Табановце“ до Гевгелија.

Сепак, минатата недела, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска појасни дека парите што земјава ги добила за изградба на пругата кон Бугарија, кој е проект во рамките на Коридорот 8, нема да може да се пренаменат, но можно е да се разговара со кредиторите (Европската инвестициска банка н.з) и да се зборува за нов заем.