Ангелов: Делумно е ставен под контрола пожарот кај Галичица
Делумно е ставен под контрола пожарот на Галичица, информира попладнево првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Пожарот на планината Галичица, меѓу Охридското и Преспанското Езеро, делумно е под контрола, дејствуваат над 120 лица, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов преку видео изјава.
– Пожарот што повеќе од 20 дена гори делумно на територијата на ловиштето „Јасен“, а сега еден негов крак се движи кон селото Белица, е ставен под делумна контрола, неговото горење е значително намалено, на лице место дејствуваат 70 припадници на македонската Армија, заедно со локални пожарникари, како и вработени во „Национални шуми“, а на кракот кон „Јасен“ и вработени од ловиштето, појасни Ангелов.
До 13 часот во борбата со огнените јазици, дејствувале два хеликоптера, едниот армиски, другиот полициски, како и ер тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување.
Во текот на денешниот ден, до 16 часот, пријавени се вкупно 25 пожари на отворен простор низ државава. Во моментов, 11 се активни, шест се под контрола, а осум се изгаснати, соопштија од ЦУК.
Од 11 активни пожари во моментов, по два се во општините Долнени и Кичево. Еден е на територија на општините Охрид и Ресен, а по еден има на териториите на Дебар, Македонски Брод, Новаци, Пласница, Росоман, Чашка.
Од шесте под контрола, во три општини опожарена е мешана шума: Маврово – Ростуше, Чашка, на две места во Македонски Брод. Под контрола е и опожарената депонија во општина Делчево. Последниот пожар под контрола е на територија на општина Демир Хисар, на Илинска – Плакенска Планина, кај селата Вирово и Слоештица. Таму горела ниска вегетација.