Амзабегово се крена на нозе – Доста е! Свињарската фарма сите фекалии ги испушта директно во река! Нè отруја!

Жителите на селото Амзабегово поднесоа Претставка до Државниот иснпекторат за животна средина за инспекциски надзор на фармата во нивното село, тврдејќи дека од истата се испуштаат фекалии во двете реки кои поминуваат низ селото. Тие тврдат дека фармата Уни Агро која се наоѓа на самиот влез од Амзабегово има инсталирано цевки кои фекалиите од објектот ги исфрлаат во самите реки.

Бараме да се изврши дополнителен инспекциски надзор на свињарската фарма Уни Агро од Велес на локација с.  Амзабегово, Свети Николе, поради загадување и испуштање на фекалии во двете реки и поради миризба во самото село. Самата фарма има инсталирано цевки од објектите каде се чуваат  свињите, до самите реки, каде се испуштаат фекалиите од свињите (особено за викендите и празниците) и со самото тоа ги загадуваат реките во должина од 7 километри кои се влеваат во реката Брегалница – стои во барањето на жителите на ова село, кои како доказ за нивните тврдења имаат видеа и фотографии.

Непријатна миризба се шири низ селото во кое живеаат околу 400 луѓе, меѓу кои и деца. Жителите се жалат дека во вечерните часови таа реа е многу посилна, не се поднесува. На самиот влез од селото се наоѓа свињарската фарма, но миризбата е многу посилна за да биде само од постоењето на фармата. Седнати пред локалниот дуќан жителите раскажуваат дека навечер не можат да седнат во двор. Едноставно е неподносливо.

Свињарска фарма с. Амзабегово

– Многу смрди, особено навечер. Не можеш дете да пуштиш во двор. Ќе ни речат па фарма има во селото. Не е до фармата. Мириса на фекалии. Работеле доста луѓе од селово во таа фарма и сите знаеме што се случува. Од јамата има цевки кои одат кон реката. Се собираат ден-два сите фекалии и после одеднаш се испушта сѝ. Има едни како капаци, само ги креваш и оди сѐ во вода. Од секоја хала е истото, има јама и цевка. А има пет хали вкупно. Фекалиите се испуштаат обично преку една вечер, навечер. Се оди во река. Тоа е амонјак. Го уништија селото. Не можеш да седнеш едно кафе надвор да испиеш. Па уште ветар кога ќе дувне…. – раскажуваат жителите.

Велат дека исто се случува и од прасилиштето. Од објектите каде се чуваат свињите фекалиите се испуштаат во Светиниколска Река, а од прасилиштето пак, каде има три објекти, во помалата река која тие ја нарекуваат Азмак. Двете реки се спојуваат и се влеваат во Брегалница.

На самиот влев, раскажуваат жителите, се собрани купишта фекалии. Не однесоа низ густите трски за да ги видиме цевките кои водат кон реката, а самата река која поминува меѓу ниви пловат фекалии и буквално не се диши.

-На оваа река жените переа јаболии, јоргани. Летно време се собиравме на река, се бањавме. Риби имаше, со обична жица сме фаќаше од што имаше многу риби. Сега ни жаба нема да слушнете. Тоа е смрдеа.  Видете ја водата што тече низ реката после селото. Бела е – револтирано зборуваат амзабеговци.

Тие тврдат дека неколку дена пред да ја поднесат Претставката се расчуло дека жителите се организираат, па за првпат виделе багери како чистат во објектот и ставале тампон. Но како што коментираат, испустот нема да го сопре, реката не може да ја исчисти.

Постојано се жалат на смрдеата, но досега никој ништо нема преземено. Но жителите стануваат се погласни, особено откако изгубија еден свој соселанец кој работеше на фармата. На 8 јануари годинава на лице место од труење од хемиска супстанца почина 45-годишен работник, а неговиот 53-годишен колега, кој притрчал да му помогне е со оштетување на мозокот. Тогаш инспекторатот излезе со став дека починатиот работник на свињарската фарма во светиниколското с. Амзабегово немал респираторна заштита, а според информациите, тој ја отворил решетката која ги поврзува халата со јамата. Тој се симнал во дупката за да го провери шиберот, кој го повлекува течното ѓубриво од халата. Обдукцијата треба да покаже од која токсична материја се затрул и починал, а неговиот колега се здобил со тешки повреди на мозокот. Беше најавено дека против сопстевникот на свињарската фарма ќе биде поднесена кривична пријава, бидејќи работодавачот не изготвил и не спровел изјава за безбедност, со спроведување на постапка за проценка на ризик на работните места, потоа не обезбедил потребна обука за безбедност и здравје при работа за работниците, воедно тој не им обезбедил и лична наменска опрема на работниците за респираторна заштита на двајцата работници.

Месец дена откако почина нашиот соселанец немаше никаква смрдеа. Но после тоа се врати се по старо – додаваат нашите соговорници.

Тие овојпат се решени да ја истераат работата до крај. Се надеваат дека ќе стават крај на оваа еколошка катастрофа која ги принудува да го напуштат селото и нема да дозволат и ова место во источна Македонија да стане село без жители и со срушени куќи.

Став е побаран од Уни Агро. Се очекува во текот на денешниот ден и тие да ја кажат својата страна за она што се случува со свињарската фарма во Амзабегово.