Ако оваа недела нема подобрување во хигиената, можно е одземање ингеренции на Град Скопје од страна на Владата
Aлармантни повици пристигнуваaт до Владата во врска со институции под ингеренции на Градот Скопје, рече вчера премиерот Христијан Мицкоски и нагласи да си ја вршат работата за што се платени, оти, инаку, ќе се разгледаат можностите за одземање на тие ингеренции. Според него, Скопје во моментот не личи на главен град на земја што е во НАТО и што е кандидат за членка на Европската Унија.
Алармантна е ситуацијата и секој ден имаме повици од граѓани. Се поставува прашањето дали можеби треба и како држава и како Влада, да направиме и некои дополнителни чекори за друг тип ингеренции и обврски што ги има Градот Скопје, а коишто гледаме дека не ги извршува навремено, посебно во делот на хигиената. Секојдневно граѓаните реагираат до Владата и затоа јас ова прашање ќе го отворам на наредната владина седница. Ова што денеска се случува во Град Скопје личи на сè, само не на главен град на земја која е дел од НАТО Алијансата и земја кандидат за членство во ЕУ, кажа Мицкоски.
Тој рече и дека можеби треба да се размисли за идејата, секоја од општините да добие право да формира свое комунално претпријатие, па да ги наследи основните средства од ЈП „Комунална хигиена“ и слично.
Нагласи дека граѓаните секојдневно реагирале до Владата и најави оти ова прашање ќе го отвори на следната седница. Ги повика надлежните во „Комунална хигиена“ во градот Скопје да работат за тоа што се платени, за што ги плаќаат граѓаните.
Се надевам дека со домаќинско работење во периодот што следи, ако воопшто можат тоа официјалните да го направат, ќе можат да си ги сервисираат обврските во периодот што следи и повикувам и апелирам, да се работи за интересот на граѓаните во главниот град, во сите општини, затоа што граѓаните тоа го заслужуваат, настрана политичките тези, политичките фрустрации од едната или другата или од третата или од петта страна, тоа не е битно, граѓаните не ги интересира тоа. И ако видиме дека во оваа недела дена нема прогрес поврзан со ова прашање, на следната владина седница планирам отворено да зборувам и да одиме чекор понатаму она што е обврска на народна влада да го направи, а тоа е да дејствува во името на повиците коишто ги добиваме на дневна основа од скопјани, смета Мицкоски.