73 години од смртта на Панко Брашнаров

На 13ти јули се навршуваат 73 години од смртта на даскалот, партизанот и идеологот Панко Брашнаров.

60 години не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки. Во септември 2011 година, новинарска екипа на емисијата КОД, составена од новинарите Владимир Тевчев и Александар Кукулев и снимателот Данчо Стефков успеа да го пронајде гробот на Панко Брашнаров. Закопан е на градските гробишта Мирогој во Загреб. Неговите посмртни остатоци доживеале две есхумации. Во 1953, две години по неговата смрт на Голи оток, тој е погребан на загребските гробишта. Во 1971 година е есхумиран во заедничка гробница, во близина на првото гробно место, а во почетокот на осумдесеттите, неговите коски, заедно со коските на уште неколкумина негови современици се преместени на необележана гробна парцела, на крајот на гробиштата.

По објавувањето на телевизиската сторија на Канал 5, државата најави враќање на посмртните остатоци на Панко Брашнаров во Македонија, но до денес, ниту општина Велес, ниту некоја надлежна институција не ја покренал постапката.

Говорот на Панко Брашнаров на Првото заседание на АСНОМ:

Во овој момент, во ова историско место Св. Отец Прохор Пчински и на овој историски ден – Илинден, кога објавувам дека е отворено првото Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, душава ми е преполна со радодост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар до Места и до Бистрица, заплискувајќи ја целата македонска земја, сакајќи од македонскиот народ да го измијат десетвековниот ропски срам од пропаста на Самоиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.

Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни херои, кои што паднаа и ги посеаа коските по цела Македонија, им станува полесна и тие во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, ја гледаат идеалната дружба старите илинденци – на Гоце Делчев и на денешните илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварувањето на идеалот, на две поколенија, на две епохи- слободна, обединета Македонија.

Во знак на почит кон паднатите јунаци, ве поканувам да им ја изразиме со едноминутно молчење нашата вечна, бескрајна благодарност. Вечна слава на паднатите херои за слободата на Македонија!

Другари народни претставници, жив сведок сум на два Илиндена 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илинденската народна епопеја за Крушевската република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жедта за слобода, борбата го дарува со слободна Кришевска република. Но, разјарениот башибузук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаа оазисот на слободна Македонија-Крушевската република, го задушија востанието и го стегнаа искрвавениот народ во ново ропство.

Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаа против денешниот непријател на целото човештво- фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таа борба. Тој во неа виде можност да ја помогне општата борба, на сите поробени народи и на целото слободољубиво човештво и да го оствари својот вековен национален идеал.

И ете, како резултат на тригодишните крвави борби, македонскиот народ ја врза својата судбина со судбината на сите југословенски народи, помогна, со крв и со борба, да дојде до нова братска, демократска и федеративна Југославија. Денес на вториот славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се ставаат темелите на македонската држава, во која што нашиот народ ќе се обедини и ќе заживее онаков среќен живот каков што заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби.

Да е жива нашата мила македонска федерална држава!…

Comments are closed.