Фирмата концесионер на Дрин Ахмети добивала и милионски тендери
Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, доколку Бектеши и владата на СДСМ и ДУИ постапеле по закон, фирмата на Ахмети немало да добие над осум милиони денари од тендерите
Милионски тендери добивала фирмата „Еверест ЏД“ на Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за која пред некој ден заработи кривична пријава од МВР, бидејќи се сомничи дека како нејзин директор извршил злоупотреба на концесија за рудник кај Кичево и со тоа го оштетил буџетот за 1,6 милиони денари или околу 26.000 евра. Ова денеска го обелодени ВМРО-ДПМНЕ и прстот го впери кон поранешниот министер за економија Крешник Бектеши кој доаѓа од истата партија, бидејќи не ја одземал концесијата на фирмата за експлоатација на минерални суровини и со тоа овозможил да ги добива тендерите.
„Дрин Ахмети преку „Еверест ЏД“, со која експлоатирал минерални суровини повеќе отколку што пријавил и платил на државата, наместо да се соочи со санкција и одземена дозвола под закрила на Министерството за економија на Крешник Бектеши продолжил да работи, и како таков да ниже милионски тендери“, изјави Лефков.
Според податоците на Бизнис мрежа, фирмата „Еверест ЏД“ е формирана во 2005 година. Најпрвин имала седиште во село Зајас, кое е родно место на Ахмети, потоа во соседното Букојчани за од август лани да се префрли со адреса во Скопје. Дрин Ахмети станал нејзин директор и сопственик во 2017 година. Лани фирмата имала добивка од 129.000 евра.
Откако Дрин Ахмети ја преземал, тендер склучила со „Комуналец“ од Кичево во вредност од 47,500 евра за набавка на ризла и камен за ѕидање. Потоа ја започнала соработката со АД ЕСМ и добила договори за четири тендери во износ од речиси 125.000 евра. Последниот договор и е со „Водовод и канализација“ од Прилеп за над 15.000 евра.
„Власта на СДС и ДУИ и нивните луѓе во Министерството за економија знаеле дека концесионерот не доставувал геодетски елаборати со пресметка на откопаните количини на минерални суровини, предвидена во член од Законот за минерални суровини, како и дека не вршел исплата на концесиските надоместоци утврдено со склучениот договор, и покрај тоа му овозможиле на фирмата на Ахмети да ги користи придобивките од концесијата и непречено да остварува приходи“, додаде Лефков.
Дрин Ахмети вчера реагираше дека владеачката партија шири невистини кои и му штетат на личниот углед и на имиџот на фирмата, а притоа ги сподели и сите уплати на „Еверест ЏД“ за концесиски надоместок за простор и експлоатација за периодот 2016 до 2024 година.
Освен Дрин Ахмети, во кривичната пријава е опфатен и претходниот директор на фирмата, Бесиан Ахмети кој всушност ја отстапил „Еверест ЏД“ на неговиот брат. Тој вчера беше разрешен од неговата функција прв секретар на македонската амбасада во Брисел поради кривичната пријава против него. Пријави има и за неколкумина вработени во министерството за економија за несовесно работење, бидејќи биле должни да вршат надзор на концесијата. Обвинителството ги истражува наводите.