Тошковски во интервју за „Фокус“: Нема да „бркам вештерки“, но ќе се истражат сите криминали што беа обелоденети!

Никогаш нема да дозволам „бркање вештерки“, никогаш нема да дозволам без цврсти докази да се отвораат постапки, какви што имаше еден тон во минатото. Но, и тоа како ќе барам да се истражат сите оние криминали што ги имаше во минатото обелоденето во јавноста. Одговорноста мора да има име и презиме, вели во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Тој најавува неселектива и вистинска борба против криминалот.

Горд сум што сум дел од влада што е предводена од човек како Христијан Мицкоски, кој, пред сѐ, ја сака Македонија и ќе стори сѐ за да живееме нормално во една нормална држава, во која нема само декларативно да се бори за европски вредности, туку и ќе ги имплементира.

За да дојдеме до она што сите го посакуваме, прв предуслов е законот да важи еднакво за сите. За да важи законот еднакво за сите, министерот за внатрешни работи ќе треба да се посвети во рамки на неговата надлежност. Директорот на Бирото за јавна безбедност, во однос на неговата надлежност, началниците во делот за борба против организираниот криминал итн. Сите тие ќе треба да се посветат во рамки на својата надлежност, нагласува Тошковски.

Понатаму, тој вели: Се знае согласно законот кој за што е надлежен. Но, се знае и кој од каде го влече легитимитетот. Граѓаните ја дадоа довербата на пратениците, пратениците ја дадоа довербата на претседателот, претседателот ја даде довербата на министрите, министрите ја дадоа довербата на директорите итн.

Легитимитетот се влече од народот. Народот е тој што ќе пресуди на крајот на денот, дали овој премиер со овие министри и оваа влада дале резултати или не дале резултати.

Во рамки на програмата на ВМРО-ДПМНЕ, еден од столбовите за нормализирање на оваа држава е силна, јасна, транспарентна борба против организираниот криминал и високата корупција. Неселективна, вистинска.

Ако јас како министер за внатрешни работи не реферирам пред премиерот и ако премиерот нема право да побара од министерот за внатрешни работи да се посвети на она што како главен столб било наведено во програмата, јас навистина не знам што треба да работиме.

На констатација дека порано имаше и случаи кога се апсеше по нарачка на извршната власт, Тошковски појаснува:

Видете, јас претходно работев како адвокат. Јас сум сведок на оној политички прогон што се случуваше. Ова што се случуваше, посебно последниве седум-осум години беше сѐ, само право и правда не. Никогаш нема да дозволам „бркање вештерки“, никогаш нема да дозволам без цврсти докази да се отвораат постапки, какви што имаше еден тон во минатото. Никогаш нема да го дозволам тоа. Еве го ветувам тоа.

Но, и тоа како ќе барам да се истражат сите оние криминали што ги имаше во минатото обелоденето во јавноста, сето она што е во интерес на пошироката јавност и сето она што е во интерес на македонскиот граѓанин. Одговорноста мора да има име и презиме, дециден е Тошковски.

Извор: Фокус

Comments are closed.