Се сечат пипците на кланот Ахмети: Министерот Муцунски го разреши од прв секретар Бесиан Ахмети, внукот на Али Ахмети
Бесиан Ахмети, внукот на Али Ахмети и осомничен за случајот со злоупотреба на концесија за минерални суровини од 1 септември годинава повеќе нема да биде прв секретар во амбасадата на Македонија во Брисел. Вакво решение е донесено со потпис на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски кој му го прекина работниот однос на внукот на Ахмети две години пред напишаното во договорот. Наместо на 1 мај 2026, мандатот како прв секретар на Бесиан Ахмети според донесеното решение му престанува на 1 август годинава.
Внукот на Ахмети е вработен во Министерството за економија и труд со решение на МНР од 26 април 2023 година кога е упатен на работа во амбасадата на Македонија во Брисел со надлежност на земјите на Бенелукс (Белгија, Холандија и Луксембург) на работно место прв секретар за период од 3 години, сметано од 1 мај 2023 година.
Но, министерот Муцунски донесе решение со кое на Бесиан Ахмети мандатот му завршува на 31 август 2024 година.
Решението е донесено вчера, а против него жалба до Агенцијата за администрација може да се поднесе во рок од 8 дена.
Бесиан Ахмети е внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и брат на попознатиот Дрин Ахмети, а двајцата се осомничени од МВР за злоупотреба на концесија за минерални суровини бидејќи полицијата откри дека не ја плаќале концесијата.
Штетата од злоупотребата е над 1,6 милиони денари односно околу 27 илјади евра.
Покрај внуците на Али Ахмети, осомничени се уште 7 државни службеници од Министерството за економија и од Државниот инспекторат за техничка инспекција затоа што не вршеле надзор и овозможиле да не се исплатат парите на државата.
Станува збор за концесијата која ја добила фирмата Еверест ЏД и во која актуелниот дипломат во Брисел Бесиан Ахмети бил директор до 2017-та кога неговиот брат Дрин Ахмети ја презел и продолжил да ја користи концесијата.
МВР соопшти дека и покрај пропустите, наместо да добие забрана, фирмата Еверест конкурирала и добила два тендери од ЕСМ и од прилепски Водовод во вкупна вредност од околу 8,6 милиони денари односно околу 140 илјади евра.
Седиштето на фирмата Еверест се наоѓа во Соравиа, чија купопродажба е во тек и се изведува од страна на групација предводена од Дрин Ахмети.