СДСМ и ДУИ ја коспонзорираа резолуцијата за геноцидот во Сребреница, а ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ДЕНОТ НЕ ПРЕДВИДЕЛЕ

Ја коспонзорираа резолуцијата за геноцидот во Сребреница, а одбележувањето на денот ниту го ставиле во годишната програма ниту го предвиделе во буџетот.

Бујар Османи кој на своја рака, без консултации, ја туркаше резолуцијата во Обединетите нации не направил ништо дополнително. Негрижата на власта на СДСМ и ДУИ сега ги остави жртвите од Сребреница и нивните семејства во заборав.

Од Министерството за односи меѓу заедниците, со кое до неодамна раководеше Артан Груби, велат дека во програмата што ја наследиле, ниту е наведено одбележување на овој ден, ниту се издвоени финансиски средства.

„Нема никаква сериозно образложена програма за работа на Министерството за односи меѓу заедниците за 2024 година, а согласно буџетот предвидени се само средства за финансирање на обележувањето на 13 август – потпишувањето на Рамковниот договор, во висина од 6.000.000 денари и за обележување на Денот на албанската азбука – 28 Ноември, за кој се предвидени средства во висина од 3.800.000 денари во буџетот на Министерството за односи меѓу заедниците“, велат од Министерството за односи меѓу заедниците.

Македонија ја коспонзорираше сега веќе усвоената Резолуција на ОН со која 11-ти јули се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и се осудува негирањето на геноцидот и глорификација на воените злосторници.

Од македонските дипломатските кругови уште тогаш сугерираа дека е спротивно на македонските државни и национални интереси, да се биде коспонзор, непосредно пред претседателските и парламентарните избори и дека повеќе станува збор за мобилизирање на албанското гласачко тело за одредени политички партии.

Резолуцијата беше на предлог на Босна и Херцеговина, коспонзорирана инцијално од САД и Германија. Истата пред Генералното собрание на ОН беше претставена на 17 април, а се гласаше на 2 мај годинава.

Македонија беше една од 84 земји кои гласаа ЗА оваа резолуција. Инаку геноцидот во Сребреница, се случи во јули 1995 година, во кој беа убиени повеќе од 8000 Бошњаци.