Прво злато за Македонија на Европската олимпијада по физика
ПРВО ЗЛАТО ЗА МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОПСКАТА ОЛИМПИЈАДА ПО ФИЗИКА! 🏅
Нашиот ГЕНИЈАЛЕЦ Јан Стојановски, денес го освои првиот ЗЛАТЕН МЕДАЛ за Македонија на 8. Европската олимпијада по физика која од 15 до 19 јули 2024 година се одржува во Кутаиси, Грузија.
Честитки за Јан за кој ДФРМ не се сомневаше дека ќе го донесе првото историско злато од оваа олимпијада, имајќи ги во предвид неговото знаење од физика како и досегашните освоени награди на олимпијадите по физика: сребрен медал на 7. Европска олимпијада по физика минатата година во Хановер, Германија, бронзениот медал на 53. Меѓународна олимпијада по физика одржана во Токио, Јапонија во 2023 година и златниот медал на 5. Балканска олимпијада по физика одржана во Никозија, Кипар во 2022 година.
Од се срце ти го посакуваме и златниот медал на Меѓународната олимпијада по физика која од 21 до 29 јули 2024 година ќе се одржи во Исфахан, Иран!
На Олимпијадата која завршува денес покрај Јан Стојановски кој е ученик во ПСУ „Јахја Кемал„ Скопје, награди за успешно учество (пофалници) добија и
📜 Матеј Гелев ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ Скопје,
📜 Емилија Николовска ученичка во Математичко Информатичката Гимназија во Скопје и
📜 Димитриј Анѓеловски ученик во СУГС „Јосип Броз Тито“ во Скопје.
Достојно ја престави својата држава и го покажа своето знаење на оваа олимпијада и Дамјан Стојанов ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје.
Тимот го предводеа проф. д-р Ирина Петреска, редовен професор на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ и м-р Христијан Кочанковски, асистент на ПМФ во Скопје и претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ.
На 8. Европска олимпијада која се одржа од 15 до 19 јули учествуваа 54 држави и тоа 36 држави од Европа и 18 држави надвор од Европа. Секоја од државите на олимпијадата имаше право да учествува со тим од 5 ученици.
Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ) се заблагодарува на водачите на тимот кои презедоа најголем товар при подготовките на учениците, како и на дипл. инж. Гоце Геговски и проф. д-р Трифче Сандев од Институтот за физика при ПМФ во Скопје, кои исто така посветија голем дел од времето за успешна подготовка на тимот.
ДФРМ се заблагодарува на Институтот за физика и на Природно-математичкиот факултет за помошта при подготовката на тимот и отстапувањето на простор и опрема за време на подготовките на тимот.
ДФРМ се заблагодарува на родителите на учениците, кои го презедоа најголемиот дел од финанскиот товар за учество на тимот на оваа олимпијада. Останатите средства за ова патување беа обезбедени од страна на ДФРМ. Огромна благодарност и до сите наши поддржувачи и пријатели – донатори кои финансиски ја помогнаа оваа активност.
ДФРМ се заблагодарува и на порталот umno.mk за поддршката на учениците кои учествуваат на олимпијадите по физика.
ДФРМ им честита на сите ученици за достојното претставување на Македонија на оваа олимпијада. Јан, Емилија и Дамјан се дел од тимот кој ќе ја претставува Македонија на 54. Меѓународна олимпијада по физика во Исфахан, Иран и им посакуваме уште поголем успеси!
Радувај се Македонијо!
ДФРМ