Откако јавно ја жигосаа дека „тепала“ бебе на крај испадна дека било само недоразбирање
„Претепаното“ бебе беше тема изминативе денови откако медицинска сестра вработена на клиниката за детски болести беше обвинета дека намерно му предизвикала модрици. Новопоставениот директор Реџеп Мемеди во вчерашното гостување во „Портал икс“ посочи дека се работи за недоразбирање. Тој дури и опиша како се одвивал целиот процес на вадење на крв.
„Вистината е дека воопшто немало намера да се повреди бебето. Ова се случило во една процедура за земање крв за анализа. Обично работат две сестри. Едната ја фиксира раката за да се земе крв. Можеби поради механичката фиксација со рака, се случило да се појави хематом на десната рака на бебето. Констатирав дека според сите информации и околности, извор на ова недоразбирање е вербалната комуникација која можеби не е како што треба. Оваа комуникација подоцна отворила дилеми кај родителите на детето дека можеби овој пристап е со други мотиви“, рече директорот Мемеди за „Портал Икс“.
Работата во јавноста кулуминараше откако медицинската сестра која има над 15 години стаж и против неа до сега никогаш немало покрената ниту една дисциплинска постапка ниту пак била казнета за нешто беше обвинета за национализам поради незнаење на македонскиот јазик од страна на мајката.
Најчудното во овој случај е што родителите никогаш не пријавиле дека нивното бебе е намерно повредено на клиниката туку тие одлучија јавно да излезат и да ги изнесат своите обвинувања на „Портал икс“.
Извор: Скопјеинфо.мк