Заврши Самитот на НАТО- Целосна промена на надворешната политика на Македонија со новата Влада

Целосна промена во надворешната политика, сервилноста на претходната власт, заменета со јасни и цврсти ставови за заштита на македонските национални интереси, потврда на партнерстовото со НАТО и јасно покажување дека новата власт Македонија е проевропска. Според познавачите ова го покажуваат пораките на владината делегација предводена од премиериот Христијан Мицкоски на НАТО самитот во Вашингтон. Поранешниот амбасадор Звонимир Јанкуловски за Алфа вели дека на Самитот, но и на билатералните средби со високопрофилни политички фигури, најважно било што се покажува нов начин во водењето на надворешната политики и заштита на идентитеските прашања.

-Важно е да се види новиот тренд во водењето на надворешната политика, да имаме некоја претстава во која насока ќе се движи државата на надворешно политички план и напуштање на една сервилна политика. Она што е најсилен аргумент дека зад оваа полтика сепак стојат гласачи во Македонија, околу 600.000, така што тоа е најсилниот аргумент кој беше испратен и дека далеку е од онаа теза дека оваа Влада не е проевропска, односно не е Влада која ќе не оддалечи од европските интеграции, изјави Јанкуловски.

Јанкуловски вели дека сепак новата власт ја очекува многу тешка работа, бидејќи ја има тежината која со своите политики ја оставија претходните влади предводени од Зоран Заев и Димитар Ковачевски.

-Она што е направено, ќе биде многу тешко прво да се амортизира, а потоа да се бара начин како да се подобри целата позиција на Македонија во опкружувањето во односите со нашите соседи. Меѓутоа тоа е работа на дипломатијата како тоа ќе го среди. Очигледно дека пораките кои ги испрати премиерот се во функција на градење на добрососедство, во обид да се закопа минатото, изјави Јанкуловски.

Во Вашингтон премиерот, министерите за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, за одбрана Владо Мисајловски и за внатрешни работи Панче Тошковски остварија голем број билатерални средби. Се сретнаа со потсекретарот за политички прашања на Стејт Департнетот Џон Бас, со чешкиот претседател Петр Павел со премиерите на Албанија, Естонија и Бугарија, Еди Рама, Каја Калас и Димитар Главчев. Мицкоски се сретна и со повеќе конгресмени, каде се разговарало за европската иднина на Македонија и партнерството со Алијанста. Договорена беше и нова американска инвестиција вредна 35 милиони евра, која ќе донесе најмалку 100 нови вработувања. Премиерот се сретна и со унгарскиот колега Виктор Орбан на која беше договорена специјална финансиска соработка вредна половина милијарда евра. Присуствуваше и на вечера во Белата куќа, организирана од американскиот претседател. Самит заврши со усвојување на декларација за Украина. Алијансата ќе остане и силно посветена на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, регион што е „од стратегиско значење, се наведува во заедничката декларација усвоена на самитот на НАТО во Вашингтон.

-Ќе продолжиме да ги подобруваме политичкиот дијалог и практичната соработка со Западен Балкан, со цел да ги поддржиме реформите, регионалниот мир и безбедност и да се спротивставиме на малигните влијанија, вклучувајќи дезинформации, хибридни и сајбер-закани, претставени од државни и недржавни актери, пишува во Декларацијата.

Документот е отворен за потпишување од други земји и содржи долгорочна воена и одбранбена поддршка, развој на идни одбранбени сили на Украина и механизам за итни консултации меѓу партнерите во случај на ескалација на тековната војна или можна идна агресија.

Извор: ТВ Алфа

Comments are closed.