„Дали директорката на Академијата за судии ГАБЕР УЧЕСТВУВАЛА ВО ФАЛСИФИКУВАЊЕ НА ЗАПИСИНИК?“

Дали Директорката на Академијата за судии Габер учествувала во фалсификување на службена исправа (записник), прашува Анотнио Милошоски, пратеник на ВМРО ДПМНЕ и потпретседател на Собранието.

Во статусот објавен на Фејсбук Милошоски пишува:

На 12-ти јули директорката на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), Наташа Габер поднесе оставка од функцијата, а како причини ги наведе „нестручната” одлука на Антикорупциската комисија и „неисправната” одлука на Управниот суд, поврзани со прекршувањето на изборниот законик од страна на раководството на АСЈО. Но, позади овој навидум етички чин, веројатно се крие загриженоста на директорката Габер дека неколку членови на Управниот одбор на Академијата веќе имаат сериозни индиции дека е фалсификуван записник од нивната седницата одржана на 15-ти март 2024 година.

Имено, по контроверзните измени на Законот за Академија за судии кои во Собранието беа протуркани со злоупотреба на европското знаменце, Управниот одбор на АСЈО заседавал, но НЕ ДОНЕЛ одлука за временската рамка за полагањето на квалификацискиот тест во писмена форма.

Сепак, три дена подоцна, претставничка на Академијата ги убедувала членовите на Приемната комисија дека Управниот одбор ДОНЕЛ одлука за полагање на тестот, иако Наташа Поп Трајкова, член на Приемната комисија, забележала дека во материјалите кои им се пратени нема таква одлука на УО. Испаѓа дека претставничката на Академијата пред Приемната комисија лажно тврдела дека Управниот одбор ја донел на записник спорната одлука.

Според Статутот на АСЈО токму директорката Габер е одговорна да ги извести органите на Академијата дали се исполнети законските услови за носење на таква одлука, и без нејзино знаење тешко би можело да се замисли некој да фалсификува записник од седницата на Управниот одбор.

После пресудите на Управниот суд дека АСЈО го прекршила законот, Антикорупциската комисија побара одговорност и оставки од членовите на Управниот одбор на Академијата. Ваквиот тек на настаните мотивирал неколку членови на УО на АСЈО да го побараат записникот од седницата на Приемната комисија (види прилог 👇, стр.2; 18.03.2024) и така ги забележале лажните тврдења на нивна штет, односно дека УО ја донел спорната одлука. Сепак, одговорот кој сторил фалсификување на службена исправа и по чиј налог најдобро го знае директорката Наташа Габер, која за овие дилеми ќе треба да одговара пред Управниот одбор, како и пред министерството за правда како институција која е надлежна да врши надзор. Нејзината закаснета оставка сепак не ја штити од одговорноста за ваквите силни индиции за незаконито фалсификување на записници, пишува Милошоски.