Агенцијата за филм во финансиска бездна од 11 милиони евра – министерот Љутков најавува дека инспекции ќе ги чешлаат сомнежите за криминал

Ќе се одмотува клопчето во Агенцијата за филм. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков најави дека инспекции ќе ја чешлаат работата на оваа институција, за која вели дека е во жална состојба. Тој појаснува дека сомнежите за злоупотреби на народните пари започнуваат во 2018-та, кога се скратил буџетот на Агенцијата, но и натаму, тие трошеле двојно повеќе, за сега оваа институција да е во финансиска бездна од 11 милиони евра.

„Таму мора да се расплетка клопчето. Едноставно, јас не гледам решение. Не гледам решение ниту во промена на директор, ако состојбата и натаму се влече така. Нас ќе ни треба некое системско решение. Ова не е само проблем на Министерството за култура, ова е проблем и на владата. Ова е владина агенција. Таму ќе ни треба системско решение, расчистување на случајот. Треба да се пратат инспекции.“ – Изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Љутков вели дека во моментов, Агенцијата има склучено договори за четири филмови, кои не може да ги исплати. Ве меѓувреме, преку соопштение во јавноста реагираа и од Друштвото на филмски работници, кои го повикаа министерот да ја откочи „зарибаната“ филмска машина, бидејќи македонскиот филм бил во кал. Реакцијата следи откако годинава ниту еден македонски филм не е кандидиран за Оскар.

Погубните деструктивни политики, мотивирани од незнаење, поточно елементарно непознавање на филмската дејност и реваншизмот кон оние кои со години се борат за подобри услови за производство на филм, ја доведоа македонската кинематографија до колопас.“ – Стои во соопштението од Друштво на филмски работници на Македонија.

За незавидната состојба на македонската филмска индустрија, потоната во криминални афери, тие ја обвинуваат поранешната министерка Костадиновска Стојчевска и бараат од институциите да ги расветлат и казнат криминалите кои со години тежат и го влечат македонскиот филм во бездна.

Сепак, постои голема веројатност и Друштвото на филмски работници да се најде под лупа на истражните органи кои ги повикуваат, имајќи предвид дека истражувањето на ТВ Алфа откри оти најмногу пари од Агенцијата за филм во изминатите неколку години, оделе во џебовите кај една шака луѓе блиски до ДФРМ. Помеѓу оние кои најмногу се офајдиле од државниот буџет, се најде претседателот на друштвото, режисерот Игор Иванов – Изи, како и генералниот секретар на ДФРМ, Томи Салковски. Државни пари често имало и за нивните синови и блиски соработници.

Начинот на кои овие луѓе добивале финансиска поддршка, е под сомнеж за криминал, поради судирот на интереси кој се јавува во документите до кои стигна ТВ Алфа. Истражувањето покажа дека, дододека Агенцијата за филм им ги полнела џебовите со пари до буџетот, член на управен одбор била Снежана Станковиќ, долгогодишен адвокат на Друштвото на филмски работници. Додека пак за тоа, кој ќе земе народни пари, меѓу другите, одлучувал Бранко Петровски, кој во исто време бил и претседател на надзорниот одбор во ДФРМ, а во Агенцијата за филм спротивно на законот за филмска дејност, бил избиран за финансиски советник 7 години по ред, а непосредно пред промената на власта, тој е унапред со членство во управниот одбор на оваа институција.

Извор: ТВ Алфа