Случајот „Добро зошто?“: ЗНМ се однесува како теледелегирана структура на нарачани прогони, смета адвокатот Дуковски
Слобода на говор да, но говор на омраза не! Вака може да се сублимира ставот на адвокатот Сашко Дуковски за делувањето на ЗНМ и ССНМ по статусот на Богдан Илиевски Бетмен, автор и водител на ноќната емисија „Вечерно шоу на Богдан Илиевски“.
Во кусиот коментар под објавата на Илиевски, во која тој ги коментира постапките на новинарските здруженија, адвокатот Дуковски пишува:
Мислам три работи:
1. Има една работа, уставно загарантирана што се нарекува слобода на говор.
2. Како тоа Богдан Илиевски е „водител на ноќна емисијата“, а не е новинар и тој, па не треба и него да го заштитите?
3. Што има до странски институции да се обраќате?
4. Знаете што е говор на омраза – очигледно не.
5. ЗНМ, престанете еднаш да бидете наместо наменска новинарска организација, теледиригирана структура на нарачани прогони.
Уште еднаш, прочитајте што е говор на омраза пред да пишувате вакви будалаштини.
ЗНМ и ССНМ упатија заедничко писмо до странските амбасади и организации во земјава со особена загриженост во контекст на интернет заканите и нападите врз новинарките. За новинарските здруженија во земјава постои „вознемирувачки тренд (кој) претставува сериозна закана за слободата на медиумите и ги поткопува демократските вредности и принципи што ги поддржуваат Македонија и нејзините меѓународни партнери. Дополнително ваквите притисоци создаваат чувство на несигурност и предизвикуваат самоцензура во медиумскиот простор“, стои меѓу другото во образложението од ЗНМ.
Загриженоста на ЗНМ и ССМ за „сериозна закана за слободата на медиумите“ доаѓа по Фејсбук коментарот на Илиевски: „Добро, зошто?“, проследен со фотоисечок од онлајн интервју на новинарката Лепа Џундева со пратеникот на Нова демократија Ангелос Сиригос.
Во Фејсбук објавата на Илиевски ЗНМ гледа закани и поттикнување на говор на омраза на социјалните мрежи кон колешката од ТВ24 и поради тоа ЗНМ го осудува Бетмен и му поднесува кривична пријава.
Според ЗНМ, „последен сериозен случај на закани и поттикнување на говор на омраза на социјалните мрежи беше со колешката Лепа Џундева од ТВ 24, а поврзано со нејзиното интервју со грчкиот пратеник Сиригос. Дел од ова интервју, извадено од контекст, на својот Фејсбук профил објави Богдан Илиевски, ТВ водител на вечерна емисија, со што поттикна говор на омраза и закани кои можат да доведат до насилство.“
Да покажат што и како сум извлекол од контекст, со цел да „поттикнам говор на омраза“, како што тврдат, вели Илиевски, кој денеска ги пријавил здруженијата на новинарите ЗНМ и ССНМ во Советот за етика во медиумите на Македонија, Судот на честа при ЗНМ, и во Комисијата за спречување и заштитата од дискриминацијата по основ на дискриминација од професионални и етнички побуди.
Коментарот на Илиевски се однесува на благодарноста за одвоното време што му ја искажува новинарката на грчкиот пратеник, во која вели „овде во Скопје, Cеверна Македонија“.
Исто така, Илиевски побарал од ЗНМ и ССНМ да му се извинат и да ја повлечат изјавата.