Силјановска му го врачи мандатот на Мицкоски – Набргу од денеска ќе биде составена новата, реформска Влада, изјави Мицкоски

Посочи дека граѓаните се најзаслужни што Македонија ќе добие нова Влада.

Во Вила Водно претседателката Гордана Сиљановска Давкова му го врачи мандатот за состав на новата Влада на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

“Претседателот на ВМРО ДПМНЕ има сериозна можност да формира Влада. Со сигурност, верувам дека чекорот што го превземам и доверувањето на мандатот за состав на владата е вистински правен и политички чекор” истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Движење на процесите во државата напред, најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој денеска од претседателката Гордана Сиљановска Давкова го доби мандатот за состав на новата Влада.

-Набргу од денеска ќе биде составена новата, реформска Влада која ќе има основна цел и задача да ги движи процесите напред. Да не тонеме како држава и општество во политичкото мочуриште, туку да ја развиваме нашата држава, граѓаните да се чувствуваат убаво, да нема граѓани од прв и втор ред, да ги задвижиме работите во економијата, не’ очекува еден силен инвестициски циклус во економијата, изјави мандатарот Мицкоски.

Посочи дека граѓаните се најзаслужни што Македонија ќе добие нова Влада.

-Граѓаните кои на овие избори, излегоа и гласаа во огромно мнозинство за коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што излегоа и што гласаа и за останатите политички партии и коалиции бидејќи на тој начин дадоа легитимитет на процесот, рече тој.

Мицкоски најави дека ќе работат и на полето земјоделците, припадниците на МВР, Министерството за одбрана да бидат задоволни.