Се оствари сонот: По 121 година се повторува делото на велешките Гемиџии
Здружението „Гемиџии“ од Велес оваа година повторно ќе ја организира вардарската регата, која ќе се одржи од денес, 20-ти до 22-ри јуни 2024 година, а потоа ќе се продолжи кон Солун каде што ќе заврши на 25 јуни на пристаништето во грчкиот град.
Организирањето на вардарската регата е со цел да се возобнови минатото и да се создаде бренд на градот Велес преку најсветлата револуционерна традиција и оддавање на признание за сите кои го жртвувале својот живот за Македонија.
Вардарската регата „Гемиџии“ ќе плови како славните Македонци кои во април 1903 година во Солун организирале акција и познати се како Солунски атентатори.
Пријавените на настанот ќе пловат како велешките Гемиџии. Вардарската регата ќе почне на 20 јуни кога од Велес ќе се плови до Криволак, по што ќе се патува до Демир Капија и на крајот до Марвинци, по што границата мора да се мине на сув пат, а не по реката Вардар.
Гемиџиите биле таен македонски анархистички кружок составен од млади Македонци, кои се познати како Солунски атентатори поради нивната акција во 1903 година. Постојат повеќе верзии за нивното име, а една од нив е дека се нарекле така затоа што сакале на симболичен начин да кажат дека тоа се луѓе кои се збогувале од животот, додека друга теорија е дека е алегорија на „гемии на суво“ со што сакале да ја искажат положбата на Македонија.