ОШТЕТЕНИ АВТОМОБИЛИ, паднати дрвја, поплавени подруми – 70 пријави за штети, падна и ограда од мост, блокиран влезот во Скопје кај Автокоманда
Вкупно 70 пријави за штети во Скопје, по силното невреме кое вечерва го зафати главниот град проследен со поројни дождови, град и силни ветрови. На 112 пристигнати се пријави за паднати дрвја, подруми поплавени со вода, оштетени автомобили.
Центарот за управување со кризи примил повици за паднати дрва во Аеродром, Центар и Гази Баба. Поплавените подруми се во населбите Бутел и Ѓорче Петров.
Ограда од мост падна кај Автокоманда, колони возила останаа заглавени.
Граѓаните апелираат да не се користи влезот во Скопје преку Автокоманда бидејќи патот е целосно блoкиран, а градските служби во моментот се на терен.
Истовремено блокирани се надвозници кај Бутел и паднати се дрвја на повеќе места. Поплавени се улици во Ченто, кај Пластичарска.
Според првичните информации во повеќе делови од градот дошло до прекин на електричната енергија, а собраниската седница, на која треба да биде избрана новата влада, е прекината откако снема струја во зградата на Парламентот. Во моментов е дадена пауза.