Е за ова треба чистка во правосудството: УСЛОВНА КАЗНА ЗА 8 МИЛ. ЕВРА ОД ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ
Со спогодби во предметот „Синџир“ за даночно затајување, а во кој во октомври минатата година беа притворени 15 лица, вратени се милион евра во државниот буџет, од вкупно затаени 8 милиони евра, кажа утринава Обвинителството за организиран криминал и корупција. По признанијата за вина и склучените спогодби, судија на претходна постапка поднел предлог за условни казни против обвинетите. Денеска судија за организиран криминал од Основниот кривичен суд Скопје го почнува овој голем судски процес, во кој под истрага беа 26 лица, главно сопственици на фирми од источниот и јужниот дел на државата.
Дел од обвинетите парите почнале да ги враќаат уште за време на истрагата, пред да се напише обвинението.
Истражната постапка против 26 сопственици и управители на 28 правни лица беше започната на 30 октомври 2023. Во меѓувреме, истрагата беше проширена за уште две лица, а за едно лице кое при оценка на Обвинителниот акт почина е донесено Решение за запирање на истрагата.
Соочени со прибраните докази во текот на истрагата и периодот за оценување на Обвинителниот акт, вели Обвинителството за организиран криминал, шестмина осомничени и шест кривично одговорни правни лица поднеле иницијативи за спогодување со обвинителството.
Согласно одредбите од Кривичниот законик, за кривични дела на правни лица како главна казна се изрекува парична казна, а за кривични дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку три години, правното лице се казнува со парична казна до еден милион денари или ако делото е сторено од користољубие или е предизвикана штета од големи размери најмногу до петкратниот износ на предизвиканата штета или остварената корист.
„Така, на три правни лица за сторено продолжено кривично дело Даночно затајување од чл.279 став 4 вв став 2 вв став 1 вв чл.45 од Крвичниот законик судот им се изрече парични казни од по 500.000, 00 денари, на едно правно лице за истото дело му е изречена парична казна од 1.000.000,00 денари и на две правни лица кои освен кривично дело Даночно затајување сториле и кривично дело Перење пари од член 273 став 12 вв став 1 им се изречени парични казни во износ од 1.000.000,00, односно 400.000,00 денари. При одмерување на видот и определување на висината на санкциите при спогодувањето, обвинителството ги зеде предвид сите олеснителни и отежителни околности, а особено околноста што кривично одговорните правни лица пред склучување на спогодбите го платија целиот износ на данок што го затаиле во вредност од 50.646.400,00 денари или 823.519 евра. Две правни лица обвинети и за Перење пари, освен уплатениот данок, во текот на постапката уплатиле и средства во вредност од 3.760.068,00 денари или 61.139 евра, средства што ги пуштиле во оптек и на кои извршиле пренос со намера да се прикрие нивното движење. Заедно со пресудените казни во државниот буџет до сега се уплатени вкупно 59.658.568 денари или 970.058 евра“, сумира Обвинителството за организиран криминал.
Според обвинението, обвинетите во својство на сопственици и управители на правни субјекти во периодот од 01.01.2019 година до 31.12.2021 година во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, не пресметале и не платиле данок – давачка на која биле законски обврзани. На овој начин, со намера за себе да се стекнат со противправна имотна корист, осомничените предизвикале штета на Буџетот во вкупен износ од 490.808.618,00 денари или 7.980.627 евра. Парични средства што ги прибавиле со казниви дела во вкупен износ од 40.046.815 денари ги пуштиле во оптег, ги примиле и извршиле пренос на истите, по што ги подигнале во готово.
Извор: Вечер