Ја излези Ѓурѓо…

Пошто ние немаме закони кои се спроведуваат, за оваа прилика ќе се повикам на еден од марфиевите закони, проверени се: Направи систем што и будала може да го користи, на крај само будалите и ќе го користат.

Е па, ние имаме таков систем на владеење, што за будали е правен, и само будали го користат… Другите гледат сеир и се чудат. И трпат. Кој од страв, кој од незнаење, кој од интерес. Гледаат како лудаците ја преземаа лудницата и се надеваат дека бељата и злото ќе го стрефи некој друг а не нив. Додека не дојдат и тие на ред.

Така е – се до сега. Сега имаме избори – систем за будали, или систем за граѓани.

Изборите се единствените 12 саати во кои политичарот се плаши од граѓанинот. Кога ти добиваш свој термин за моќ. Па, размисли и биди им газда за тој пола ден.

Размисли:

1. Дали ти е поважна партијата или фамилијата? Сите ние сме нечии деца или некои од нас нечии родители.

Имено, СДСМ спроевдува политика, веќе почната во пракса со Мила Цароска дека фамилија не постои. Сетете се дека нивната политика е со закон да се укине дури и називот “татко“ и “мајка“ и да се именуваат родител еден и родител два. Дека родителите немаат деца, а децата немаат родители. Партијата им е и татко и мајка. Тоа е правило преземено од сектите, од нивниот кодекс. Ќе гласате ли за тоа?

Тоа е таа политика, не на муабет, туку на дело и по пат да стане Закон. Кој се сомнева нека се сети дека овде пишував: Заев на власт ќе смени уставно име и ќе спроведе Тиранска платформа… Тој се колнеше во деца дека нема, но тоа се случи.

2. Дали гласачот Македонец ќе гласа против Македонија, а за СДСМ?

Сте виделе ли држава во која се забранува свое знаме, националното од Кутлеш или Вергина, како сакате, и за чие истакнување се одговара пред суд. Да се потсетиме, знамето од Кутлеш не е измислица и каприц на некои си националисти, тоа е првото официјално знаме на државата Република Македонија по осамостојувањето. Под тоа знаме се заколнале на верност и уставност првиот претседател на самостојна Македонија Киро Глигоров, првиот премиер Никола Кљусев и сите пратеници. Вклучително и тие од денешниот СДСМ.

Не сте виделе, ниту ќе видите. Како што нема да видите ни дека некоја држава сменила национално име и идентитет, се откажала сама од себе, без војна. Но, ние имаме власт која не е државна, тоа е власт на мафија, и пленот од корупција им е поважен и од вашата фамилија, и од вашата нација, и од вашата држава. Нашата.

3. Дали е поважна партијата од сопственото здравје, сигурност, образование и иднина на гласачот?

Дали е поважно да победи партијата или граѓанинот кој нема здравство. Немаше и нема вакцини, нема лекови, нема место во државна болница, сега веќе нема ни лекари, и се тресе кога не знае што му тураат во вената, а мисли дека му шприцаат лек. Наместо пред судот шефовите на овие медицински убиства со умисла, од вакцини што ги нема до хемодијализи, ги гледаме за кандидати на избори. Хорор!

Ни ова не е од филм, ова е фатено на Онкологија, а не е само таму. Година ќе помине а тие што ги фатија дека луѓе од рак умирале затоа што им е украден лекот и во вените наместо лек им е шприцана медицинска вода – не одговараат. Имаат заштита од власта. А власта има договор со мафијата. А мафијата има и власт и профит од сите.

И да не редам по список… Дур да доредам ќе дојде денот за гласање. Толку многу е.

Толку многу што ретко кој во странство ќе ви верува ако раскажете дека сте од држава во која премиерот е главен за марихуана, дека државата незаконски издала над 200 пасоши на врни дилери и мафијаши од регионов, а не е сменет министерот, не паднала владата и дека потоа некои од нас се уште се мислат за кого да гласаат.

Па, пријатели, другари, роднини и комшии, познати и непознати гласачи: Партијата или вие, дојде денот кога решавате кој ќе преживее? Буквално се гласа за опстанок.

Што е штетата за нацијата, државата и општеството што ваквиот СДСМ е на колена, а ДУИ се во хистерија и бунило? Нема никаква штета за нас, за државата. Напротив.

Ќе останат без власт едно стотина нафатирани, арогантни, криминилазирани и од пари забегани ликови кои ќе ги заборавиме пар месеци по изборите. Другите, главните ќе продолжиме да ги гледаме уште некое време, но под државен надзор.

Ќе дојдат нови кои ќе знаат дека се паѓа од власт ако се однесуваат како сегашните. И, тоа е првата победа на гласачот, и првата придобивка. Во спротивно, ќе останат на власт истите, со истата мафија и истото однесување. Ќе го преживеете ли тоа? Кој гарантира дека не сте идната жртва на дилерите, пожарите, медицинската мафија, корумпираното судство и обвинителство, убиствата, рекет врз фирмата од која потоа ви следи отказ… и законско бришење на таткото и мајката од семејството.

Па видете што се случува во СДСМ?! Класична мафијашка поделба на плен.

СДСМ е ганг, ни П од партија откако лично и во кеш профитираа од промена на уставно име, отварање преговори со Бугарија кои никој не ги барал, рекети врз фирми, корупција за која стигаат писма од САД и ЕУ секоја година, се откажаа од своите идеолошки корени, од АСНОМ по исфрлањето на декларацијата од Уставот.

Го погазија Киро Глигоров и го плукаат каде ќе стигнат нивниот основач Бранко Црвенковски. Нивни главни соработници станаа дилери, фалсификатори на пасоши и лични документи, шверцери со лекови, измамници со лажни странски инвестиции.

Врие во СДСМ. Поделени на клановите на Заев, Шеќеринска и Оливер Спасовски се газат меѓу себе. Залутаниов Димитар Ковачевски гледа во хаосот да ќари по нешто од секој од нив. Стево Пендаровски тука е посебен случај, медицински промашај.

Местенски и закани меѓу нивните кланови има на дневна основа. Агенцијата за разузнавање, АНБ или државната безбедност и полицијата крадат и подметнуваат докуменети едни за други, се уценуваат за да се наплатат неисплатени пари од провизиите, тендерите и рекетите. Изборите не им се тема и не работат на терен, затоа и губат повеќе од што било кој член на СДСМ помислил. Мафија која се распаѓа.

За цела кариера не ми се десило да ми се понудат толку информации и документи за криминалите на врвот од СДСМ и ДУИ. И не само врвот, и за соросоидите во партијата и власта како Мила Цароска, Јован Деспотовски, Бојан Маричиќ и докази за неговата контрола врз судството… И за тоа каде се 19-те милиона евра што ги заташка тогашната министерка Мила Цароска а ги снема од Пензински Фонд воден од ДУИ, или за над 20 милиони евра кои ги заташкува директорката на УЈП Сања Лукаревска украдени со лажен поврат на ДДВ и фалсификувани фактури… Милиони, милиони…

А другата страна на паричката, ДУИ?

ДУИ е пред експлозија. Губи гласачи Албанци и купува гласови од Турци, Бошњаци и Роми. Откако Артан Груби во партијата ја презема реалната власт од Али Ахмети и менаџирање на корупцијата од масовни размери тие загубија глава и осет. На се капак им е јавниот повик од амбасадите на “стратешките пријатели“ дека треба да се гласа за промени, против ДУИ. Да се гласа за опозицијата.

Али Ахмети нешто се труди, но ледот под нозете се топи и крајот е извесен. Албанците сфаќаат дека гласот за ДУИ е глас за Артан Груби а не за Али Ахмети кој е на заминување. Штом разбраа дека и фамилијата му е во корупцијата Али е избришан.

Бујар Османи им се заканува и на Албанците и на Македонците, и на “стратешките партнери“ дека власт без ДУИ “ниту може ниту смее да биде“. Опасна закана за Албанците кои гласаат за ВЛЕН, за Таравари, Меџити и коалицијата. Многу поопасна за нив, за Албанците, отколку за Македонците.

Министерот за правда во оваа влада, Кренар Лога, најавува судир помеѓу Албанците и Македонците ако ДУИ не влезе во идната власт на ВМРО ДПМНЕ. ДУИ е отиден до таму што последниве месеци се во друштво на прилично опасни и вооружени ликови, некои и повратници од Сирија, кои се употребуваат како алатка за страв меѓу Албанците. Дека се нивна гарда која треба да им обезбеди победа на изборите.

Е, тоа е веќе над црвената линија. “Стратешките партнери“ од Западот го знаат сево ова, следат и нотираат. Било кој дојден од Ал Нусра, од Сирија, вклучен во политичка борба на зовриен Балкан е предмет на нивни интерес. И цел на изолирање. Особено кога е на иста линија со корумпирана власт и со полицијата преку Назим Буши, заменик на министерот Оливер Спасовски во полицијата. СДСМ, ДУИ и Ал Нусра…

Историјата е учителка. Кога ПДП посегна по сила врз политичките противници, исчезна од политичката сцена. Истото му се случи и на ДПА по пукањето во Кондово. А ДУИ може да пакува гласови и присилува гласачи но, власта се менува, таквото гласање ќе се поништува како последното во Липково од првиот круг претседателски избори. Могумина кои учествуваат во тоа се забележани и ќе бидат судени.

Дојде денот кога граѓанинот барем 12 саати има моќ врз политичарите, врз власта која му е должна за сите зла, стравови и трауми, време е власта да плати за сето тоа.

Да го завршиме тоа како луѓе, како домаќини, како граѓани, да создадеме промени и… да запееме: Ја излези Ѓурѓо, ја излези сестро…

Колумна на Д.П. Латас (03.05.2024)