Тошковски за изборниот ден: Безбедносната состојба стабилна, секое незаконито дејствие ќе има име и презиме и ќе одговара пред законот
Денешниот ден, од аспект на безбедносната состојба е стабилен. Министерството за внатрешни работи постапува согласно надлежностите што ги има, изјави денеска техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски по гласањето за изборите во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во општина Центар.
– Согласно информациите што ги имам од утринава, сите избирачки места се стабилни, отворени. Граѓаните можат да си го остварат своето право на глас во една мирна, фер и демократска атмосфера, рече Тошковски.
Тој упати порака до граѓаните во текот на денешниот ден масовно да си го остварат своето право на глас и да не дозволат, како што рече, нивната волја да биде киднапирана од страна на било кој субјект и на било каков начин.
– Секој македонски граѓанин може да го оствари своето право на глас и е должен да го оствари своето право на глас на еден таен начин, а зад параванот никој не може да знае за кого во едни фер и демократски услови секој македонски граѓанин ќе го даде своето право на глас, нагласи Тошковски.
Повика на масовна излезност заради тоа што, како што рече, само така можеме да имаме европски избори кои ќе однесат таму каде што и заслужуваме да бидеме.
Тошковски изрази благодарност до новинарите, до нашите меѓународни пријатели и до сите набљудувачи кои ќе го следат овој изборен ден.
– МВР ги има сите човечки капацитети, технички ресурси потребни за да гарантираме еден фер и демократски изборен процес и притоа македонскиот граѓанин слободно, врз основа на сопствено убедување си го оствари своето право на глас, а секој еден кој ќе се обиде на незаконит начин да влијае било како во рамки на овој изборен ден треба да му биде јасно дека МВР во координација со надлежен јавен обвинител и судот ќе делуваат бескомпромисно. Секое незаконито дејствие од страна на секој еден поединец ќе има име и презиме и ќе одговараат пред законот, изјави Тошковски.