Разрешен е директорот на Токсикологија, Данил Петровски – Кого штити министерот за здравство?!

Разрешен е директорот на Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје, Данил Петровски. Информацијата за меидумите ја потврди самиот Петровски. Тој рече дека не е изненаден, бидејќи министерот за здравство Илир Демири веќе го најави неговото разрешување. За разрешувањето од функцијата, Петровски дознал од вработени на Клиниката за токсикологија. Петровски беше директор на Клиниката за токсикологија од 15 декември до денеска.

Од министерството за здравство кусо соопштуваат дека тој е разрешен поради „неправилности во работата“ без да се прецизираат за што точно станува збор, и кои членови од Законот тој ги прекршил. Од министерството нема најава дека ќе се повика на одговорност организациониот директор  Бесија Иљази или дали се истражуваат наводите за лошо менаџирање со финансиите на Клиниката.

Дали разрешувањето доаѓа по отворениот судир меѓу Петровски и Иљази околу договорите на единаесетмина вработени кои истекоа кон крајот на минатата година но тие продолжија да доаѓаат на работа во Клиниката иако за дел од нив дискутабилна беше способноста да извршуваат работни задачи поради несоодветното образование.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат влезе во Клиниката за Токсикологија и констатираше дека овие лица незаконски извршувале работни задачи и даде наредба да им биде забранет влезот, а доколку не се почитува ваквото решение, ќе следуваат казни. Решението го потпиша директорот Петровски, но не и Иљази.

Клиниката за Токсикологија во изминатите еден и пол месец беше во фокусот на јавноста поради низа скандали, беше поплавена. Откриени беа обиди за лажирање на резултати, зголемување на долговите, а дел од вработените се пожалија и за работењето на организациската директорка. Иљази која седна на директорското столче еден ден пред формирањето на техничката Влада и на работа оди со преведувач.