Мицкоски: Нашата цел е да се гордеете со новата влада
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по триумфалниот изборен ден ги упати првите пораки како мандатар за состав на новата македонска влада.
„Успеавме, успеавте. Македонија победи. Историска победа на народот. Победи Македонија која е на Македонците, Албанците, Турците, Србите, на Власите, на муслиманите, атеистите, на гордиот народ. Падна владата, и има причина за тоа. Криминалот, корупцијата, одземената држава, тендерите, непотизмот, и уште 100 други последици кои направија државата да страда, а народот да е разочаран. Вечерва конечно се поразени.
Поразени се и предавствата, поделбите, тие 100 луѓе од ДУИ и СДСМ кои мислеа дека се господари на нашите животи. Нив денеска ги боли главата, има и зошто. Ќе одговараат до последниот, секој кој направил криминал и спровел корупција, одговорност мора да има која ќе се темели на правда и закони. Поразен е и бојкотот на ДУИ. Ова на нашата победа дава посебно задоволство. Народот покажа дека нема да дозволи поединци да создаваат кризи, и преку институции да се штитат себе си. А, ДУИ покажа дека се партија која најмалку се грижи за Македонија, и се им се удри во глава. Време е со СДСМ да одат во опозиција. Народот им одржа лекција и си ја врати државата. Македонија ќе има иднина која ќе се темели на вредност и надеж. Вечерва има причина за славје. Го паметам секое ветување, и ќе дадам последен атом од моите сили да се оствари и да не го разочараме народот. Вечерва се покажа дека нема Македонија на ДУИ, нема Македонија на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, или било која политичка партија, има само една вечна, независна и слободна Македонија.
„Нашата цел е да се гордеете со новата влада. За брзо време ќе почнеме преговори за формирање на најдобрата влада од осамостојувањртѕо на Македонија. Ни треба култура на повисоко ниво, каде пто партиите треба да се почитубваат. Ова е двојна победа, коалицијата ‘Твоја Македонија’ и ВМРО-ДПМНЕ добија и претседател – Гордана Силјановска-Давкова, чија цел е Македонија да ја направи повторно горда. Познавајќи ја, знам дека професорката ќе успее во тоа.
Посакувам власта во заминување да научи од грешките. Посакувам да замине во мир. На оваа земја ѝ е потребна силна опозиција. Ќе разговарам со секој од вас кој мисли добро за Македонија. нема да ги затворам вратите како што правевте вие седум години.
Ги повикувам граѓаните да прославиме на сите плоштади во Македонија, а од утре на работа и веќе претппладне ќе го одржам првиот состанок, на кој ќе ги утврдиме принципите за формирање на новата влада“, рече Мицкоски во обраќањето.