Победникот на изборите во Северна Македонија и иден премиер, Христијан Мицкоски, инсистира да ја нарекува земјата „Македонија. Тој во објава на социјалните мрежи напиша „Македонија“, го пренесува соопштението на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, грчки „Катимерини“.
„Му благодарам на господинот Памер за поддршката на Австрија за „Македонија“ на нејзиниот пат кон европската интеграција. Одличните економски односи меѓу Австрија и „Македонија“ дополнително ќе се промовираат и охрабруваат“, напиша Мицкоски, како ново прекршување на договорот за името од Преспа од 2018 година со Грција и уставот на неговата сопствена земја, според кој балканската земја го носи името Северна Македонија, пишува медиумот.
Мицкоски неодамна изјави дека ќе го користи терминот „Македонија“ кога се однесува на неговата земја и ја предизвика Грција да се жали до Меѓународниот суд на правдата доколку смета дека се прекршува договорот од Преспа.
Новоизбраната претседателка на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, исто така го употреби терминот „Македонија“ за време на нејзината инаугурација, што предизвика дипломатски расправии меѓу Атина и Скопје, пренесуваат грчките медиуми.
Паралелно со политичарите и медиумите во Грција, и тие во Бугарија не пропуштаат да нотираат дека претставниците на новата власт во Македонија така си ја нарекуваат државата, избегнувајќи ја додавката „Северна“, како што констатира „Актуално“ за средбата на идниот премиер Христијан Мицкоски со австрискиот амбасадор Мартин Памер.
„Идниот премиер на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, во својата официјална објава за средбата со австрискиот амбасадор во Скопје, Мартин Памер, наместо уставното име Северна Македонија, го употреби само името Македонија“, забележува „Актуално“.