Заев за грчките медиуми: Одговорноста не е само политичка, туку и правна
Ставовите од ЕУ и НАТО, но и внатрешните реакции во Грција, односно позициите на опозициските партии и секако на Владата во однос на Договорот од Преспа и понатаму се во фокусот на грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Весникот „Катимерини“ во текстот под наслов „Атина ја очекува новата Влада во Скопје“ го пренесува ставот на актуелната грчка Влада дека државата има континуитет и дека покрај нивното несогласување пред да се изгласа Договорот од Преспа, сега го почитуваат.
Истакнува дека следниот чекор што се очекува е формирањето на Владата кај нас на крајот на мај, кога ќе биде претставена програмата „што ќе покаже каде одат соседите“.
Грчката телевизија „Опен“ во прилогот од Скопје, пренесува ставови на граѓани кои ја истакнуваат важноста на европската перспектива на земјата, но и изјава на поранешниот премиер Зоран Заев, кој го коментира ставот на новата претседателка.
-Неусогласувањето носи одговорности и сериозни последици за државата што веднаш ќе се почувствуваат од граѓаните. Одговорноста не е само политичка, туку и правна. Па така, како носители на највисоките државни функции, ќе треба да ги почитуваат Уставот, меѓународниот Договор од Преспа и законите, вели Заев за телевизијата „Опен“.
Употребата на името „Македонија“ од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, предизвика и внатрешно-политички конфронтации во Грција меѓу Владата и опозициските партии, заедно со останатите актуелни грчки теми, со оглед на тоа дека земјата веќе е во предизборен период во пресрет на евроизборите на 9 јуни.
Трите меморандуми за соработка што сè уште не се ратификувани во грчкиот Парламент се во фокусот на меѓусебните препукувања на релација Нова демократија – СИРИЗА.
Грчката Влада вели дека ставот на Сиљановска Давкова ја оправдува нивната позиција за доцнење на ратификацијата, додека пак од СИРИЗА доцнењето сметаа дека не ѝ оди во прилог на Грција и најавуваат законска иницијатива за носење на меморандумите пред пратениците.