Денко Малески: Претседателката Силјановска-Давкова ѝ објави војна на Грција

Претседателката Силјановска-Давкова остана доследна на својот збор од изборната кампања, дека никогаш нема да го употреби зборот „Северна“ во името на нашата држава. Со тоа, верувам, ги освои срцата на огромниот дел Македонци, иако крена веѓи на еден помал дел кој е свесен за последиците. Тоа беше момент на пркос против неправдата која, согласно меѓународното право, и е нанесена на една држава која под притисок на друга мораше да го смени уставното име. Кажано од позиција претседател, тоа беше и повик до граѓаните и до вработените во државната администрација, да го следат нејзиниот пример.

Но, во моментот кога повторувајќи ги зборовите на заклетвата кажани од претседателот на собранието одби да го употреби новото уставно име на државата, таа, така да се изразам, и објави војна на Грција. Со својата постапка таа му ги скрши стаклените нозе на Преспанскиот договор на најважната точка за соседите – прашањето за името на нашата држава (the name issue), тема со која се занимавме четврт век и која не закочи во евроинтеграциите во златните години на ЕЗ и ЕУ. Следи грчка реакција која, како и секогаш, најдиректно граѓаните ќе ја почувствуваат на граничните премини, а владата во влошените меѓудржавни односи со Грција.

Во говор кој беше ламентација над судбината на жените не слушнавме ништо за она што го чека секој носител на функцијата претседател во домашната или меѓународната политика. Имено, таа позиција не прави разлика помеѓу маж и жена и наложува претходно осмислена и напишана анализа, а не емотивна импровизација. Значи, едно е јасно после говорот на претседателката: сега имаме два фронта на кои ќе го браниме нашето достоинство, бугарскиот и грчкиот. Конфронтација со две држави членки на ЕУ, ќе ја фрли нашата држава без излез на море, со комплексна етничка структура и со сиромашна економија, во крајно неповолна положба. Не може да се очекува поддршка и од оние кои вршеа притисок врз двете страни да го потпишат Преспанскиот договор, имено Америка, но и Европа и ОН. Напротив. Во обид да не бидеме однесени од бранот на популистичкиот национализам, канцеларијата на американскиот претседател издаде наредба за санкции против оние кои работат против Преспанскиот договор, заедно со Охридскиот и оној со Бугарија. Значи ли тоа санкции за претседателката и за владата на Македонија?

Неброено пати повтореното уставно име, „Северна Македонија“, од страна на претседателот на собранието Јован Митревски беше дочекано со ладнокрвното „Македонија“ од страна на претседателката на државата. Се надевам, за доброто на државата и народот, но и за нејзино лично добро, дека заедно со претседателот на партијата Христијан Мицковски, имаат „излезна стратегија“.

Лично мислам дека нема излезна стратегија од политика на национализам: неговите носители стануваат негови заробеници. Цената пак, ја плаќаат народите.

Денко Малески

Извор: Либертас