Апасиев и Левица сепак го поддржуваат Пендаровски: Втор пат нема да ја поддржиме Силјановска

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, најави дека нема да бара од нивните гласачи да ја поддржат кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова, како што било случај на претходните претседателски избори во 2019 година.

Oва значи поддршка на Левица за Пендаровски, затоа што како опозициска партија не го поддржуваат единствениот опозициски кандидат во вториот круг.

За тогашната поддршка, наместо благодарност од ВМРО-ДПМНЕ добиле медиумска блокада, обвини Апасиев.

„Ако се сеќавате, еднаш се изгоревме со поддршка на професорката Силјановска и вторпат нема таа грешка да ја направиме. Само што ја поддржавме, тоа по моја проценка беше контингент од речиси 30 – 40 илјада гласа, кои што нè послушаа и ако се сеќавате Силјановска во вториот круг доби 60 000 гласа повеќе, Левица тогаш немаше сопствен кандидат и веднаш после тоа благодарноста од ДПМНЕ стигна, со тоа што мене ми забранија да гостувам во нивната партиска телевизија и веќе петта година не ми пренесуваат изјава“,кажа Апасиев при денешното гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

И кандидатката за претседател на Левица, професорката Билјана Ванковска, во објавите на својот профил на Фејсбук во неколку наврати посочува дека имаат различни ставови и погледи со кандидатката Силјановска – Давкова, како и дека нема да гласа за неа.

 

Левица на актуелните претседателски избори за првпат излезе со своја кандидатка, но Ванковска со вкупно освоени 41 331 глас, не успеа да обезбеди пласман за вториот круг, во кој одат Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова.


Во однос на кандидатот поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, Апасиев смета дека на него му е сеедно дали ќе победи на претседателските избори, оти веќе му следува претседателска пензија.

Апасиев кажа и цени дека цензусот за претседателските избори ќе биде обезбеден, додека за евентуалните владини коалиции по парламентарните избори, вели дека рано е да е прогнозира. Тој не ја одби можноста Левица да коалицира со СДСМ и ДУИ.