Академик Коцарев: Заокружете го било кој друг број, само не бројот што ги определува тековните властодршци

Во емисијата „За или против“ на Алфа, академик Љупчо Коцарев во разговор со новинарот Љупчо Цветановски ги повика граѓаните на масовна излезност на 8-ми мај и посака да гласаат за кој било носител или претседателски кандидат, само да не е од актуелната власт. Недвозмислено, академикот со оваа порака јавно ја поддржа и Гордана Силјановска Давкова, давајќи и на опозицијата јасна поддршка на парламентарните избори за смена на сегашната октроирана власт.
„Ги повикувам граѓаните на Македонија масовно да излезат на 8 мај. Ги повикувам Македонците масовно да гласате на претстојните избори, при што, според моето мислење, ги повикувам да заокружат било кој друг број, само не бројот што ги определува тековните властодршци. Недвојбено сите во Македонија се за европска Македонија, но само некои политички партии се за Македонија со Македонци,“ порача академик Коцарев.
„Денешниве властодршци, во однос на македонскиот јазик, безобзирно лажат и манипулираат – исклучиво од лукративни причини, па затоа, повторно ќе слушнете/прочитате: „македонскиот јазик го зацементиравме … го потпишавме првиот европски документ со македонски јазик“. Да не се залажуваме: македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на ЕУ тогаш кога Република Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Тоа нема да се случи на денот кога ќе започнат пристапните преговори, тоа нема да се случи ниту на денот кога ќе се потпише Договорот за пристапување на Република Македонија во ЕУ, туку на денот кога сите членки на ЕУ ќе го ратификуваат Договорот за пристапување. Така, Договорот за пристапување на Република Македонија во ЕУ ќе треба да се ратификува во Собранието на Република Бугарија. А што мислите кога ќе се случи тоа? Според сегашните ставови на Република Бугарија, тогаш кога ќе потврдиме дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, дека македонскиот јазик е вештачка, комунистичка творба, што постои од 1945 година, или, со други зборови, тогаш кога ќе се согласиме дека Македонците се Бугари или македонски Бугари, а името Македонци доаѓа од тоа што тие живеат на територијата Македонија, инаку, всушност, тие се Бугари. Опцијата која ја застапуваат тековните властодршци е Македонија без Македонците, цени академик Коцарев во интервјуто за Алфа.