Од денес погледот кон небото нема да е ист: На Цветници осветени два нови крста, меѓу кои вториот најголем во Македонија
Денеска, на големиот верски празник Цветници, во пресрет на Велигден, беа осветени два нови крста во Македонија – во Зрновци и во Драчево.
Крстот во Драчево, кој е висок 63,5 метри, е втор по големина во државата.
Церемонијата на осветување на крстот ја предводеше поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан. На настанот присуствуваат градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, како инвеститор на објектот, и голем број на граѓани.
Од денес погледот кон небото нема да е ист. Од денес, над нас, тука во Драчево стои еден моќен симбол на верата, надежта и љубовта. Крстот е икона на верата, симбол на возвишеноста на човекот пред бескрајната моќ на небото. Во неговите контури е собрано целото значење на христијанството, каде се преплетуваат симболиката на жртвата, спасението и вечната љубов кон Бога. Осветувањето на овој Македонски крст е чин на почитта кон минатото, вера во иднината и мост кој нè спојува сите нас. Тој ќе стои тука, како светилник на нашата заедница, потсетувајќи нè на човековите вредности, на моралот и на нашиот пат кон почит и човекољубие, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека силно верува оти Бог нè осветлува и нè води, потсетувајќи нè дека секој наш чекор, секој наш обид да градиме нешто во Негово име, е благословен и благодатен.
И затоа ова е богатството и заветот што го оставаме за следните генерации, нагласи Ѓорѓиевски.
Тој им се заблагодари на Светскиот Македонски Конгрес, на МПЦ-ОА и г.г Стефан и на сите кои дале свој придонес за изградбата на крстот.
Посебно ми е драго што неговото осветување се случува денес, кога го славиме празникот Цветници, во предвечерјето на најголемиот ден за христијаните-Велигден. Празникот кој ја слави победата на животот над смртта и кој на највисок пиедестал ја издигнува верата. Денешниот ден е силен одек за времињата што доаѓаат, за промените што веќе започнаа да се случуваат, за новите историски моменти кои допрва ќе ги испишуваме во историјата на нашата Македонија. Со Божји благослов продолжуваме напред со проекти, со дела кои ќе бидат нашиот потпис и влог во иднината што ја оставаме на следните поколенија, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Изградбата на крстот во центарот на Драчево, во „Паркот на бранителите“, почна на 16 април 2022 година.
Неговото осветување денес е најголемата молитва пред Господа за победата на животот над смртта, за спасение на човештвото, на Македонците по род и државјанство, и на државата Македонија, истакна претседателот на СМК Петров.
Крстот во Драчево е дванаесетти во светот, а втор во Македонија. Висок е 63,5 метри, широк четири метри, со распон на краците 34 метри, секој крак по 15 метри. Постаментот е 12,5 метри, на три нивоа, темелната плоча е со дебелина од еден метар. Во Македонскиот Крст во Драчево е вградена челична конструкција од 80 тона, премачкана со алкална жолта боја.
На крстот е изведена светлечка инсталација со енергетска самоодржливост, што ќе претставува вистинска атракција во овој дел од градот Скопје и општината Кисела Вода. Вечерва ќе нè огрее неговата светлина. Крстот претставува симбол на мирот и љубовта наспроти омразата и војната и затоа, радоста е заемна и благодатна за сите граѓани на државата Македонија, за сите Македонци по род и државјанство. За многаја лета Крстот, кој денес се освети, за многаја лета Драчево и општината Кисела Вода, за многаја лета Скопје метрополата и државата Македонија! Нека овој свет крст биде светилник на верата во Бога и на љубовта за татковината Македонија! Нека Господ Бог нè благослови сите нас, нека Господ Бог ја благослови Македонија, рече Петров, кој потоа, како инвеститор на објектот им додели плакети и благодарници на сите кои ја помогнаа изградбата на ова свето здание.
Настанот беше дополнет со музичка програма од музичари: Огнен Здравковски, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски како и мешаниот камерен хор „Свети Климент Охридски“ и дечињата од КУД „Китка“.
Во Зрновци, пак, на голем црковно-народен собир кај филтер станицата за вода во Зрновци, беше осветен Македонскиот крст на чие поставување се работеше во текот на овој месец.
Чинот на осветувањето го изведе митрополитот брегалнички Иларион во сослужение на свештеници од кочанското архиерејско намесништво, а крстот е поставен по барање на жителите на Зрновци со донација од нивен сограѓанин.
Крстот е изработен од метална решетка, има височина од 18,5 метри, а ширината на краците изнесува 14 метри. Материјалите и поставувањето се донација од семејството на Јоце Гоцев. Јас и Советот на Општината помогнавме со усвојување на соодветна одлука за локацијата, за пробивање на сообраќајниот пристап и партерното уредување на целиот простор, како и за обезбедување електрична енергија и осветлување на крстот. По чинот на осветувањето тој е предаден во владение на МПЦ ОА и нејзината Брегалничка епархија, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.
Митрополитот брегалнички Иларион упати благослов до донаторите и сите кои помогнале за поставување на Македонскиот крст, порачувајќи тој да стане радост за сите жители, а неговата околина да прерасне во место за духовно обединување, како доказ дека на овие простори живееле и ќе живеат христијански граѓани кои ќе го чуваат и ќе сведочат за православието.