На два дена пред почетокот на кампањата Силјановска има убедливо водство пред Пендаровски
На два дена пред почетокот на изборната кампања Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ е во убедлива предност пред кандидатот на СДСМ и актуелен претседател на државата Стево Пендаровски, покажа вчерашната анкета на МКД.мк.
Дури 63 отсто од анкетираните сметаат дека актуелниот претседател не заслужува нов мандат.
Оценката за работата на актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски на скала од 1 до 10 е 4,02. Оваа оценка за работата на Владата е 3,03. Назадоволството од работата на Пендаровски се гледа и во одговорот на прашањето дали тој заслужува втор мандат – 63,3 отсто од граѓаните велат „не“, а со „да“ одговориле 22,3%.
Очигледен е интересот на граѓаните за гласање на претседателските избори закажани за 24 април. За разлика од парламентарните, каде подготвност за излез на избори искажале 66,6 отсто од граѓаните, на изборите за шеф на државата би излегле дури 72,1 отсто од граѓаните.
Предноста на Силјановска-Давкова пред Пендаровски е речиси 2:1. Интересен е дуелот меѓу кандидатите во албанскиот блок, Бујар Османи и Арбен Таравари. За Османи како кандидат на коалицијата на ДУИ би гласале 7,9 отсто од граѓаните, а за Таравари како кандидат на албанската опозиција би гласале 5,8%.
Претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски е високо позициониран со 6,9 отсто од анкетираните граѓани, што значи трето место меѓу кандидатите Македонци. Во слободниот одговор на анкетата за тоа во кој политичар верувате, Димитриевски е дури и пред Пендаровски.