Студентите на ФИНКИ ги почнуваат протестите пред Влада
Студентите и раководството на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), денеска во 12 часот ќе одржат протест пред зградата на Владата.
Протестот е согласно одлука на декенатската управа, а целта, како што велат од ФИНКИ, е укажување на власта за потребата од подобрување на условите за студирање на студентите на Факултетот. Посочуваат дека вистински предизвик за управата на факултетот е да ги смести сите запишани студенти, бидејќи, како што велат, со повеќе од 5 000 студенти, ФИНКИ е најброен факултет во државата.
Најавуваат дека на протестот ќе се одржи 25-тата редовна седница на Наставно-научниот совет, каде покрај деканот и продеканите, членови на деканатската управа се и раководителите на институтите и еден член избран од Факултетското студентско собрание.
Од неформалната организација Студентска револуција соопштија дека ќе го поддржат протестот и ги повикаа на поддршка студентите, професорите, како и вработените на УКИМ.
Ние Студентска револуција како неформална организација го поддржуваме протестот на ФСС Финки и УСС пред Влада. Воедно ја користиме оваа прилика е да ве повикаме сите студенти, професори, вработени на УКИМ заедно да излеземе и да одеме пред Влада со едно прашање: „Како преку вештачката интелегенција да дојдеме до „таа“ зграда на ФИНКИ?“, велат од организацијата.
Управата на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) на седницата одржана на 18 месецов донесе заклучоци со кои побара Владата на следната седница да донесе одлука за давање на времено или трајно користење, без надомест, на објектот кој се наоѓа на КП бр. 1856, КО Карпош, ИЛ бр. 47924, согласно барањето испратено од Факултетот до Владата на 19 мај 2023 гдоина. Факултетот бара Владата да го задолжи Министерството за образование и наука во рок од три месеци да обезбеди простор и да изврши релокација на Бирото за развој на образование, како орган на државна управа во состав на Министерството.