Стојаноска: Ги повикувам сите граѓани да го дадат својот глас за „Твоја Македонија“, овојпат промените се во ваши раце

Како жена која по втор пат ја предводи листата во ИЕ 6, како припадничка на пол кој многу добро знае што значи болка, товар и неправда, кој знае да се справи со секое изненадување и кој знае да плаче од среќа, но и да се смее кога е најтешко, во мое име, во име на сите жени и во име на мојата изборна единица, изразувам огромна почит за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, затоа што се нафати, работеше напорно, издржа и докажа дека е возможно да се изоди тежок, долг и трнлив пат, ако целта уште од почетокот била една и единствена и немало менување и потклекнување, туку само упорност, аргументираност и работа. Претседателе Мицкоски, патот го изодивме заедно со вас. Нашата цел е: Македонија повторно твоја. Македонија – повторно горда – истакна Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборната единица 6 на денешниот настан.

Стојаноска порача дека време за одмор нема.

Целта ни е близу, но, како велите Вие, играме германски фудбал, а тоа значи, ако до 90-тата минута водиме со 4:1, во 92-та да го постигнеме и петтиот гол. Мотивирани сме силно, го чувствуваме расположението на народот и свесни сме дека победата на следните избори е неизбежна, но историски е битен токму петтиот гол. Него ќе го постигнеме заедно со сите наши поддржувачи, членови, коалициони партнери, со сите изневерени и гневни гласачи за СДСМ и ДУИ – истакна Стојаноска.

Таа додаде дека оние кои се’ уште се колебаат или сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ секако победува, па не мора токму тие да излезат и да го дадат својот глас, треба да знаат дека овојпат седењето дома значи поддршка на досегашните и дека гласот значи имање став, испраќање порака и влог во иднината.

Затоа, ги повикувам и нив, да излезат и да го дадат својот глас за своја, за твоја Македонија. Овојпат, ПРОМЕНИТЕ СЕ ВО ТВОИ РАЦЕ – повика Стојаноска.

Сакам да им порачам нешто и на оние кои велат: „Сите сте исти. Нема спас ни со ВМРО-ДПМНЕ“. Ова ВМРО-ДПМНЕ ги увиде сите грешки и ги извлече поуките. Ова ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Мицкоски, 7 години наназад го носеше токму тој товар. Ова ВМРО-ДПМНЕ нема да заштити ниту еден кој ќе се огреши пред законите и Уставот. Ова ВМРО-ДПМНЕ ветува бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата. Ова ВМРО-ДПМНЕ подаде рака на сите. Ова ВМРО-ДПМНЕ остана достоинствено на своите ставови и ветувања. Ова ВМРО-ДПМНЕ понуди една нова генерација на градоначалници. Градоначалници кои деноноќно работат изминативе две и пол години. Градоначалници кои ги извадија нивните општини од долговите во кои ги затекнаа. Градоначалници кои имаат реализација на ветеното близу 100 проценти. Градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за своите граѓани, за својата општина и за својата Македонија. Мојата длабока почит и кон вас – порача таа.

Стојаноска посочи дека ВМРО-ДПМНЕ понуди 5 имиња за актуелната техничка Влада кои покажаа и докажаа дека може институциите да профункционираат, да бидат достапни за граѓаните и за медиумите. Пет имиња кои го обелија образот и кои сработија за месец и половина, повеќе отколку што шест и пол години сработија министрите од Владите на Заев, Ковачевски и Ахмети. Секоја чест и за Панче, Ѓоко, Елена, Стефан и Цветан.

Конечно, ова е единствената пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која, како што влезе, така и излегува од Собрание. Како по број, така и по компактност, единство и непокор. Мои колеги и колешки, еднаш кажав, денес ми е чест да повторам: Вие сте новите херои на денешна Македонија. Докажавме сите заедно што значи патриотизам, лојалност и чест. Докажавме дека Македонија се сака со дела, а не со празни флоскули и лажни ветувања – рече таа.

Стојаноска укажа дека ова е време кога сите се освестија, видоа, почувствуваа на своја кожа и знаат за што зборува ова ВМРО-ДПМНЕ, кога вели дека криминалецот има само име и презиме, а нема партија, националност или религија. Ова е време кога криминалците ќе одат по судови, а докажаните виновни по затвори. Ако некој што сторил криминал, се обиде да се крие позади партиските бои или да глуми жртва заради националната припадност, тоа нема да врви повеќе.