Падна шефот во „Македонски шуми“ – тарифата му била 200 евра за камион дрва
Секторот за внатрешни работи Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против Т.М.(58) од село Дрвош, општина Босилово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување службена исправа“ и „проневера во службата“.
На 03.03.2024 на место викано „Боровите“, атар на село Колешино, струмичко, полициски службеници од СВР Струмица затекнале две товарни возила „застава“ со струмички регистарски ознаки, во кои биле превезувани огревни дрва. Извршен бил увид и во координација со Шумска полиција Струмица било утврдено дека дрвата се нежигосани и без соодветна документација, по што со возилата биле одземени.
Во службен разговор во полициска станица, лицата кои ги управувале возила изјавиле дека огревните дрва ги имаат набрано со знаење и усно одобрение на пријавениот Т.М. – вработен како референт за дотур и сеча вработен во Јавно претпријатие „Национални шуми“ – подружница Беласица Струмица, за што требале да му дадат паричен надомест од 12.000 денари за секое натоварено товарно возило.
Исто така на 03.03.2024, пријавениот во име на друго службено лице вработено во јавното претпријатие извршил пополнување на дозвола за сеча и дотур на огревни дрва за две лица од струмичко. За овие дотури на огревни дрва, по извршената продажба, двете лица на Т.М.требале да му дадат по 12.000,оо денари за секое натоварено товарно возило. При увид во дворните места на лицата во село Куклиш и во село Банско, биле пронајдени огревни дрва, од кои поголем дел биле нежигосани. Дрвата и возилото, со кое бил вршен транспортот, биле одземени.
Со ваквите дејствија, пријавениот предизвикал штета на Јавно претпријатие „Национални шуми“ – подружница „Беласица“ Струмица во висина од 186.200 денари. Тој бил лишен од слобода и изведен пред судија на претходна постапка од Основен суд Струмица.