Важно е да избереме претседател кој ќе биде претставник на народот, порачаа од дискусијата на ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот Миле Лефков на денешната панел дискусија организирана од ВМРО-ДПМНЕ на тема „Претседател на народот, заштитник на сувереноста, Уставот и законите“ истакна дека важно е да се избере претседател кој има способност, квалитет, искуство и визија.
Што е важно за претседателот? Важно е да има одредени способности, да имам одредени квалитети, да има знаење, да има искуство, да има визија. Меѓутоа уште еден аспект кој што е многу важен, а тоа е неутралноста и независноста – потенцираше Лефков.
Тој се осврна и на владеењето на Пендаровски изминатите 5 години како претседател на Македонија, посочувајќи дека изминатите 5 години Македонија за жал има претседател кој е верен партиски слуга на владата на СДС, кој се согласувал со секакво кршење на законите
Ќе ве потсетам дека имаме кандидат за претседател кој што во својата кандидатура излезе и без срам кажа дека ист потполно ист 102 проценти како Зоран Заев. И тоа не заврши овде. Затоа што ако немате независен и неутрален претседател, претставник на претседателската власт кој што има широки ингеренции, многу лесно тој може да се обои со партиските бои и да биде партиски полтрон, да биде партиски слуга и да се согласува со секакво кршење на законите, како што ние го гледаме за жал изминатите 5 години од владеењето на Стево Пендаровски, истакна тој и додаде:
Видовме дека тој е подготвен да се слика со секакви нарко босови само да дојде до одредени коалициони гласови. Таков претседател верувајте ни не ни треба. За какви способности да разговараме за човек кој го видовме како без срам пред лидерите Балканот на Бојко му вели љубави.
Лефков исто така потенцираше дека Стево Пендаровски покажа дека е обоен со партиски бои со тоа што ниту еднаш не реагираше за носењето закони во Собранието преку злоупотреба на европското знаме.
Стево за жал покажа како е да си обоен со партиски бои. Зошто? Со нула реакции за донесување закони со европско знаменце, а ќе ве потсетам сите дека самата процедура за донесување закони со европско знаме значи скратена постапка во Собранието без дебата без дискусија затоа што тоа треба да преставува еден формален процес на усогласување со закони коишто веќе се донесени во ЕУ. Тој јавно призна дека законите за Бехтел и Енка, тој еден сет закони немаат никаква врска. Замислете објаснувањето коешто дојде во Собранието е затоа што биле дел од европски коридор и по таа логика треба да се укинат сите матични комисии, заклучи Лефков и додаде:
Додека другите претседатели се борат и го продолжуваат вековниот стремеж и борбата на еден народ за независна држава и покажуваат она што се нарекува безусловна љубов кон државата тој ќе каже: „Јас ако не бев претседател ќе се иселам.
Пратеничката Иванка Василевска пак истакна дека борбата со негативната селекција и клиентелизмот во политиката може да доведе до тоа да се избираат вистински личности на вистински позиции.
Денеска сме ставени пред предизвикот на кој пат сакаме да тргнеме и кои се нашите цели. Секогаш користам прилика да дадам една порака, а тоа е дека ние мора да се бориме со два клучни проблеми во македонското општество, а тие доколку се обидеме да ги сузбиеме или барем да ги намалиме чекор по чекор ќе успееме да се доведеме до степен да одлучуваме и да одбираме онакви претставници коишто одговараат на нивото на свест којшто ние ја поседуваме, зборувам за негативната селекција и за тоа, не треба да кажам име и презиме, можеме сите да забележиме за тоа клиентелистички се поставуваат одредени ликови и како тие и на високи државни позиции, не само што ги изневеруваат нашите очекувања туку се изневеруваат и себе си и со текот на времето нивната фрустрација на несвесно ниво се пренесува и на целото општество, но и на сликата која што ја даваат пред меѓународната заедница – потенцираше Василевска.
Таа исто така додаде и дека однесувањето на актуелниот претседател во зачувувањето на македонските национални белези е разочарувачко.
Разочарувачки е однесувањето на актуелниот претседател на државата, како и на целиот државен врв во однос на зачувување на македонските национални белези. Разочарувачки е и односот на интелектуалната фела којашто клиентелистички се постави да биде тивка и молчелива, па дури и субверзивна само за да го заштити сопствениот личносен моментум. Разликата помеѓу елитата и помеѓу граѓаните е само во тој детал во којшто таа може да го искаже гласно своето мислење – заклучи Василевска.