Петрова: Владата немала искрен пристап во решавање на прашањата за вработувањата под „капата″ на буџетот

Од првиот ден кога дојдов во МФ, на маса добив огромен број на т.н.„согласности за вработување″ кои треба да ги даде Министерот за финансии за поединечни нови вработувања, преземања на вработени со мобилност и унапредувања. Имено, буџетските трошоци за платите на вработените во министерствата и кај сите други јавно-правни лица кои се финансираат од буџетот се значаен дел од буџетските расходи. Токму затоа МФ е контролен механизам, ги одобрува годишните планови за вработување и поединечните вработувања, секако од фискален аспект т.е. во смисла дали се обезбедени буџетски средства, изјави дополнителниот заменик министер за финансии, Елена Петрова во гостувањето во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.

Таа посочи дека разгледувајќи ги сите тие барањата и согласностите за вработување, увиделе дека во многу голем број случаи постапките биле започнати и барањата биле поднесени до МФ определно време пред формирањето на предоната Влада. Како пример наведе дека има постапки започнати во ноември и декември 2023 год.

-Имаме случај кога барањето од државен орган е поднесено до МФ на 03/11/2023 год., па потоа повторно е поднесено на 10/01/2024 год. со напомена дека МФ нема одговорено. Има барања поднесени до МФ во месец Декември 2023 година има барања поднесени во месец Јануари 2024 год. но некомплетни. Има барање кое претходно било одговорено негативно, па е поднесено повторно (со назнака „нови лица″). Сите тие барања на согласности за вработување се ставени на маса за решавање, односно одобрување сега, по формирање на преодната влада. Овде влегуваат и согласностите за вработување во здравствениот сектор по Одлука на Влада донесена на 29/12/2023 год. За поточно информирање на јавноста, Владата носи одлука за одобрување на вработувања кај јавно-правни субјекти само по исклучок, само за субјекти кои имаат остварено негативен финансиски резултат и само доколку станува збор за работни места кои се неопходни за вршење на основната дејност на правниот субјект. Но, во околу 70 барања поднесени од ЗУ (универзитетски клиники, болници, здравствени установи) за вработувања на околу 490 лица на неопределно време, скоро ½ (46%) од вкупниот број лица се административен и помошно-технички персонал. Само 10% од позициите за пополнување со вработување се доктори по медицина.

Прашање е зошто министерствата и други органи не го решиле статусот на своите вработени до сега, особено во случаите кога се работи за трансформација на РО од определно на неопределно време, односно лицата веќе биле ангажирани по договор и сл. Знаеја дека ќе се формира преодна влада и влегуваме во предизборен процес. Зошто навреме не ги спровеле процедурите за обезбедување на вакви согласности, кога има законска одредба која овозможува започнатите постапки за пополнување на работни места кои не се завршени до 31/12/2023 год. да се спроведат во 2024 год. Имаше доволно време да го сторат тоа, наместо сега, по формирање на преодна влада, да се гради перцепција дека се чека на дополнителниот заменик министер за финансии, дека тој го попречува овој процес, дека ние сме криви. ВМРО ДПМНЕ секако е на страната на вработените и заштита на сите нивни права, но сметаме дека ова што сега се наметнува да се спроведе, при фомирана преодна влада и во очи на распишување на избори, води кон големи можности за компромитација на изборниот процес, истакнува таа.

Според Петрова, факт е дека Владата на СДС и ДУИ немала искрен пристап во решавање на прашањата за тие лица и доколку се грижеле за судбината и егзистенцијата на овие лица чиј работен однос треба да се трансформира, тогаш имало доволно време тоа да го направат.

-Сега, во очи на распишување на избори, јас ваквите активности ги разбирам како искористување на моментот во функција на предизборна кампања, влијанија за добивање на глас повеќе поради сериозно паднатиот политички рејтинг. Мојата функција како дополнителен заменик министер за финансии во преодната влада се однесува токму на спречување дејствија поврзани со материјални, кадровски и правни прашања, кои може да ја компромитираат слободната волја на гласачите. За вакви активности (пополнување работни мести, но и унапредувања, исплата на додатоци на плата каде постои можност за дискреционо право и селективност, зголемувања на плати и други бенефиции со анекси на колективни договори и сл.) во очи на предизборна кампања, поднесовме барање за мислење од ДКСК. Бараме ДКСК да се изјасни од аспект на Законот за спречување корупција со цел незаконско располагање со јавни добра и ставање во функција на изборите, дали со вакви дејствија постои можност да се влијае на волјата и политичката определба на гласачите, односно на административните и јавните службеници и персоналот кој нема таков статус, особено што може да бидат ангажирани како членови во изборните органи од јавната администрација и непосредно да го спроведуваат изборниот процес.

Друго прашање кое се однесува на издавањето согласности за вработувања во министерствата и други државни и јавни институции и органи е процедурата во МФ за издавање вакви согласности, односно кредибилноста и транспарентноста на процесот.

Кредибилноста и транспарентноста на процесот ја истакнувам заради неколку причини. Прво, не видовиме и не добивме пишано и објавено интерно упатство со јасно регулирани улоги и одговорности кој што проверува, кој контролира и одобрува, кој за што е одговорен во овој процес. Не добивме извештај за извршена внатрешна ревизија кој ја потврдува регуларноста на таа процедура во МФ.

Следно, надлежниот сектор доставува податоци до министерот за буџетирани/планирани и потрошени средства за плати кај барателот, но надлежниот сектор не дава изричен став – има или нема обезбедени средства за плати, па изгледа како согласноста т.е. известувањето за обезбедени средства да е дискреционо право на министерот.

Во однос на транспарентноста на процесот, исто така побаравме, но не добивме податоци за сите издадени согласности за вработување, за да видиме како се движеле вработувањата по години. Ова кај нас создава недоверба во однос на кредибилноста на процесот, вели Петрова.