Заслужен за постигањето на Францускиот предлог – ЖЕЉАЗКО РАДУКОВ ИДЕН БУГАРСКИ АМБАСАДОР ВО МАКЕДОНИЈА?
Дипломатот од кариера на бугарското Министерство за надворешни работи, Жељазко Радуков е предложен од бугарската министерка за надворешни работи Марија Габриел за нов бугарски амбасадор во Македонија, пренесуваат бугарските медиуми.
На актуелниот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов мандатот му завршува во јуни 2024 година. Според бугарските медиуми, како причина зошто Радуков се предлага за амбасадор во земјава, се наведува дека тој, како организациски секретар на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања „активно работи на заштита на правата и културно-историското наследство на бугарската заедница во Република Северна Македонија“.
Како што стои во образложението за неговиот предлог, тој ја имал клучната улога во креирањето и спроведувањето на Европскиот компромис од 2022 година, како и во билатералните преговори за Протоколот од Вториот состанок на меѓувладината комисија според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Северна Македонија, потпишан во јуни 2022 година.
Според бугарските медиуми, за овој предлог на министерката Габриел сè уште не се изјаснил бугарскиот претседател Румен Радев.