Драги Таче и Битиќи, не правете весела математика: Кадиевска Војновиќ направи паралела на растот на платата и стандардот
Просечната нето плата по вработен во Македонија од 2016 до 2023 година порасна за 63,9%, помалку од периодот 2006 до 2016 година кога порасна за 65,3%. Но, кумулативниот раст на трошоците за живот (преку кој се мери инфлацијата) од 2016 до 2023 година е 35,1% и е многу повисок од 22,2% колку што беше од 2006 до 2016 година Растот на РЕАЛНАТА плата од 2016 до 2023 година е 21,3%, многу понизок од растот на РЕАЛНАТА плата за периодот од 2006 до 2016 година кога беше 35,3%. Сега, Битиќи и останатите, ве прашувам кога има поголем вистински раст на платите? Кога реално пораснаа платите повеќе, вели Маја Кадиевска Војновиќ-член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Понатаму таа тврди.
И уште нешто да ве информирам. Од јануари 2009 година настана структурна промена во податоците за платите, заради примената на концептот на “бруто плата”. Како и да е, вклучувањето на надоместоците за храна и превоз во платата во тој период се доход за вработените. И да се корегираат бројките за номиналниот раст на платите во тој период, високата инфлација во вашето владеење го изеде номиналниот раст на платите. Затоа беше потребно навремено да се спречи вртоглавиот раст на цените во економијата и добро да се менаџира енергетската криза. За што не успеавте. И сега повторно може да има раст на цените на основните прехранбени производи од март кога ќе се одмрзнат – вели Кадиевска Војновиќ.
Затоа, драги Таче, Битиќи итн. кога сметате номинална плата, реална плата или инфлација викнете некој стручен во оваа област да ви помогне. Не правите весела математика. Немате заслуги, а уште помалку ексклузивитет во номиналниот раст на просечната нето платата по вработен во економијата. Истиот во најголем дел од дејностите е воден од пазарот на труд, во кој има побарувачка, ама за жал веќе нема понуда на работна сила. Многу се иселија од вашите успешни политики.
И, не е исто да водите политики со армија на невработени и стапка на невработеност од 36% колку што беше во 2006 година и со стапка на невработеност намалена за 12,3 процентни поени колку што беше во 2016 година (23,7%). Во тоа време вистински политики придонесоа за отварање на нови работни места. Во ваш период на владеење, намалувањето на стапката на невработеност исклучиво е резултат на иселувањето т.е на намалувањето на работоспособната популација и на зголемениот број на граѓани кои преминаа од активни во неактивни лица (оние што не бараат работа, пензионери итн.). Платите (цената на трудот) имаат тенденција да растат кога има поголема побарувачка од понуда (како што е во вашиот период) и да се намалуваат или држат стабилни, ако има поголема понуда од побарувачка (како во претходниот 10 годишен период со армија на невработени). И за ова викнете си стручни лица да ви објаснат да не се срамите.
И УШТЕ НЕШТО. Животниот стандард на граѓаните не се мери само преку растот на платите. Многу фактори го дефинираат нивото на стандардот на граѓаните (на пр. да нема никогаш веќе случај онкологија, да има учебници за деца, да има домашно произведена ефтина струја итн.). На глобално ниво, користен наблизок индикатор за тоа дали пораснал животниот стандард е Бруто домашниот производ по глава на жител по константни цени по метод на паритет на куповна моќ. Е според тој индикатор (видете го извештајот на Светска банка за системска дијагностика на наша Македонија, ако не знаете да пресметате сами) немате мрднато од место. Најнизок прогрес имате кон ЕУ животниот стандард од сите земји во регионот, а и тие беа во ковид криза, и тие имаа енергетска криза. Со вашата стапка на раст на економијата, ќе нѝ требаат три генерации (60 години) за да го достигнеме стандардот на ЕУ. Ова е доказ дека сте самонаречена „европска“ влада, вели таа.