ГРУБИ ОДЛУЧУВА ШТО ДА ПОМИНЕ НА ВЛАДА, Меџити и Алиу одржаа прес конференција
Министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу, двајцата од Алијанса за Албанците, доцна попладнево одржаа прес-конференција пред зградата на Владата на која изразија незадоволство затоа што, како што рекоа, денешната владина седница се одвивала надвор од сите процедури и дека на неа поминале само тие точки за кои давал дозвола Артан Груби.
Алиу рече дека на денешната седница биле разрешени двајца директори, кадар на Алијанса за Албанците, за кои претходно немало договор од таков исход, но откако реагирале, наместо техничкиот премиер Талат Џафери, Груби им одговорил дека тоа така треба да биде.
Разрешени се директорот на Македонски пошти, Бујаре Абази, како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции Газменд Абдија. Абази е и потпретседателка на АА.
Двајцата министри рекоа дека секоја точка на дневен ред што доаѓала од нив, веднаш се одбивала.
Инаку, тие двајца најавија дека нема да поднесат оставка.
Нема да поднесеме оставка, ниту цениме дека партијата ќе бара наше разрешување, изјавија вечерва министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и министерот за здравство, Фатмир Меџити.
Според нив, Алијанса за Албанците (AA) е единствена, нема крило, има легитимни органи и легитимен претседател – Арбен Таравари.
Како што рече Алиу, „група во партијата, за нејзини цели, кои ние навистина не ги знаеме во моментов, се здружи со ДУИ и прави таков отпор за АА да оди заедно со ДУИ на изборите“.
И Алиу и Меџити напоменаа дека како министри постигнале одлични резултати, работеле одговорно, чесно и транспарентно и тоа, веројатно, некому му пречи.
-Ќе се бориме до крај за да докажеме дека ова што се случува со активистите во нашата партија, прво не е во ред и не е демократски и најверојатно им пречат резултатите, што ги имаат министрите на АА. Најверојатно очекуваат да не фатат на кондиција да дадеме оставка, но од вечерва им велам, дека оставка од нас нема да има. Ако имаат други можности и методологии нека пробаат, изјави Алиу, на прес-конференција од пред Владата.