Веапоска: Ми ги извадија пола органи, бев во кома 14 дена, а вештакот тврди дека ми го спасиле животот

Во Основниот суд во Струга продолжи расправата во судскиот процес против тројцата струшки лекари, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, кои на пациентката Јилидиз Веапоска од Дебар при породување ѝ извадија матка, јајник и бубрег.

Имаше вкрстено испрашување на вештакот, професор доктор Драге Дабески, кој на барање на обвинетите го изработи вештиот наод за отстранувањето на матка, јајник и бубрег по породувањето со царски рез на Јилдз Веапоска од Дебар

Според вештакот, обвинетите лекари не направиле пропуст при лекувањето на родилката, туку спасиле еден млад живот.

 

 

 

Тоа вештачење е спротивно на првото изработено од судска медицина и бранителот на оштетената не го признава.

– Вештачењето на Судска медицина укажува дека се пропуштени многу работи при операцијата и скоро е невозможно поинаку да размислуваме. Обвинетите ќе мора да одговараат за дејствијата кои ги превзеле, односно што не ги превземале. Верувам дека и Судот е заинтересиран да се утврди правата вистина во поглед на тоа како е возможно бремена жена да влезе здрава права во операциона сала, а потоа да излезе без три органи. Тоа е мистерија, изјави по рочиштето адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев.

 

 

 

Оштетената Веапоска, пак вели како лекарите во Болницата во Струга и го спасиле животот, кога во кома била пренесена на скопските клиники каде подлежела на нов хирушки зафат.

– Вештакот појаснува дека докторите обвинети ми го спасиле животот со тоа што ги извадиле моите органи и ме оставиле половина човек, но како ми го спасиле животот кога мене ме пратиле во Скопје и повторно сум била принудена да влезам во операциона сала да се прави ревизија во Скопските клиники. Мојата битка траеше 14 дена во кома. Потоа незнам како застанав на нозе, но јас за мојот живот што го спасиле сум им благодарна на докторите на Клиниката во Скопје и докторот Скендер Саиди. Овие доктори не ми го спасија животот, овие доктори ми го упропастија животот, ме направија инвaлид, неможам повеќе да раѓам и неможам повеќе да имам деца, изјави Веапоска.