Тасевски: Тоа што се случи на 4-ти е почетокот на одмотување на клопчето, сведоци сме на двојни аршини во компанијата околу казнување и наградување
Тоа што се случи на 4-ти е почетокот на одмотување на клопчето. Значи тоа не е настан кој што резулатирал само ради грешките од вчера, завчера, или пак од минатиот месец. Туку тоа покажува дека целиот овој период погрешно била поставена целата постапка околу тоа како се замислувало нашето обезбедување, кои лица биле вработени во службите за обезбедување, после кои лица биле вработени од останатите служби, како дошле, зашто дошле, и што работеле. Бидејќи очигледно е дека од првата група на 4-ца притворени, тројца беа вработени внатре кај нас, истакна Александар Тасевски, претседател на струковиот синдикат на контролорите за летање (ССКЛ) во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.
Тасевски додаде дека треба да се дознае одговор и на прашањето која била задача на тројцата притворени кои работеле во М-НАВ, а на 4-ти нападнале контролор на летање.
„Оние што видовме, тројца препознавме, и знаеме дека се наши вработени. Но, навистина не знам кои се останатите 4 како лица“, рече тој.
Тој посочи дека можеби и тие останати четворица се вработени во М-НАВ, ама се од оние кои што се вработени, а никогаш не дошле на работа.
„Јас што ги добив информациите е дека наводно имало одење према обласната контролна соба, дека било таму влечење, буткање кое што на крај имало расправии и резултирало со удар“, објасни Тасевски што се случувало на 4-ти јануари според информациите кои што тој ги поседува.
„Ние низ годините сме сведоци во компанијата дека има два аршина и околу награди и околу казнувања“, нагласи Тасевски.
Тој укажа дека директорите не смогнаа сили по немилиот настан да излезат во јавноста и на вработените да им објаснат што како се случило и зошто.