Почина постариот од браќата ранети при пукањето во кругот на тетовската болница на 11 јануари
На Универзитетска клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во Скопје починал еден од браќата од тетовско Гајре, кои беа повредени со огнено оружје на 11 јануари во кругот на Клиничката болница во Тетово.
Од КАРИЛ потврдија дека починал постариот од браќата А.М на 41 година. Во пукањето пред девет дена повреден беше и неговиот брат З.М.(36) кој, исто така, се наоѓа на лекување во КАРИЛ.
Употребата на огнено оружје и ранувањето на двајцата браќа од Гајре се случи на 11 јануари околу 18 часот пред Ургетниот центар на Клиничката болница. Двајцата браќа во текот на вечерта беа однесени на КАРИЛ.
СВР Тетово соопшти дека уште вечерта на 11 јануари околу 23 часот биле лишени од слобода четири лица, а по едно лице се трага. Од СВР Тетово и Обвинителството нема други официјални информации за случајот, кој го води Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
-Обвинителството сè уште постапува по предметот согласно своите надлежности, информираа од таму.
СВР Тетово ги лишија од слобода Р.Т.(35) и М.Т.(44), 55-годишната Ш.Е. и Н.М.(39), сите од Тетово, поради сомнение за нивна инволвираност во пукањето.