Остри критики за маската со Исус и крстот од гајби
Поради трагичниот настан, вчера на вевчанскиот карневал изостана музичкиот дел на дефилето и забавната програма во вечерните часови.
Посебен интерес меѓу маските кои продефилираа привлече маска со која се исмејува маката на Господ Исус Христос, прикажано како носи празни гајби од пиво наредени во форма на крст. На социјалните мрежи имаше бројни критики, а беше прозвана и МПЦ да реагира.
Новинарот Марјан Николовски упати остра критика и осуда. Потсети дека пред неколку години бил сквернавен Исламот и дека имало пракса тоа да не се повторува.
Пред неколку години кога на сличен начин беше сквернавен Исламот, беше воспоставена пракса да се избегнуваат маски со навредлива содржина кон верските чувства. Ова е класично сквернавење на Христијанството и неговиот столб, Распетието и Воскресението. МПЦ, Синодот, владиците, наместо да се занимава со предмети за екскомуникација на новинари, и со седенки со странски амбасадори, уште вечерва да ја осуди оваа маска и да побара одговорност, напиша Николовски кој со години ја следи тематиката поврзана со веронауката.
Бигорскиот манастир упати жестока критика кон организаторите на Вевчанскиот карневал, за, како што велат, исмевањето на Господ.
Длабоко повредени од непристојноста и од богохулното исмевање на Божествената Личност на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, воедно и на Сечесниот Крст, на т.н. Вевчански карневал, гласно повикуваме на јавно извинување од организаторите и од учесниците во тоа несреќно светогрдие, како и на превенирање на слични случувања во иднина,стои во реакцијата на Бигорскиот манастир.
Оттаму потсетуваат на случајот кога реакции имаше од припадниците на исламската вероисповед, кој предизвика бурна реакција на муслиманите во Македонија.
Оттука, се прашуваме зошто, имајќи го предвид негативното искуство од минатото, сега некој решил да ги злоупотреби и христијанските симболи и тоа на еден најпонижувачки и најнедостоинствен начин? Секако, според нас, поигрувањето и исмевањето со верските чувства на која било верска деноминација е злодело за кое се одговара не само пред Божјиот, туку и пред државниот суд, се вели во реакцијата на Бигорскиот манастир.
Сметаат дека манифестацијата е потполно туѓа на нашиот менталитет, кога се одбележува споменот на Св. Василиј Велики и почетокот на Новата година според Јулијанскиот календар.