Германските земјоделци вчераутро ги блокираа влезовите на автопатите низ земјата, на првиот ден од протестите против владините планови за постепено укинување на земјоделските субвенции. На земјоделците им се придружија камионџиите и железничарите поради ниските плати и високите патарини.
Земјоделците, кои планираат една недела да протестираат против владиниот план за намалување на субвенциите за горивата како дел од најавеното приспособување на федералниот буџет, сакаат да ја започнат својата акција со парализирање на сообраќајот.
Илјадници трактори се очекуваат на патиштата, во протест што германските земјоделци го најавуваат како најголем во историјата.
Германската полиција пријави протести во речиси сите сојузни покраини.
Во Рајнска област-Пфалц блокирани се автопатиштата околу Мајнц, а се очекува во Алцај да се соберат голем број трактори и оттаму да се упатат кон Мајнц, пишува германски Шпигл.
Во сојузната држава Сар, конвоите со трактори предизвикаа прекини во сообраќајот, особено на северот на покраината, а во Северна Рајна Вестфалија полицијата затвори раскрсница на пат поради прекини во сообраќајот предизвикани од тракторите.
Во Бремен се очекува пристигнување до 2.000 возила, во Дизелдорф шест собири со трактори и еден со камиони, додека Хамбург предупреди на сообраќаен хаос, пишува Шпигл.
Во Берлин е планиран протест пред Бранденбуршката порта, а се очекува протест и во Келн.
На аеродромот во Мешеде-Шурен Хоксауерланд пристигнаа првите трактори, а земјоделците со трактори ја блокираат пистата.
Во Хесен, конвој од околу 200 трактори тргна од Ветерау кон Визбаден, во Саксонија-Анхалт сообраќајот беше во прекин, а во Саксонија земјоделците се собраа на многубројни раскрсници околу Лајпциг.
Ненајавено, тракторите половина час ги блокирале двата влеза на автопатот кај областа Фрауенаурах во Ерлаген, а според полицијата, на патот кај Селб биле фрлени слама, ѓубриво и силажа.
Земјоделците најавија дека ќе ги блокираат главните транспортни и логистички рути до понеделник следната недела и предупредија дека укинувањето на даночните олеснувања ќе ги остави фармите без работа, според Ројтерс.
Како што претходно објави Дојче веле, се очекува денеска да нема дел во Германија што нормално ќе функционира.
Надлежните ги повикаа граѓаните денеска повеќе да користат железнички превоз и да се откажат од возењето, а работодавците им порачаа на вработените да работат од дома кога е можно, додека училиштата ќе го оправдаат отсуството на децата.
Коалициската влада на канцеларот Олаф Шолц, составена од социјалдемократите, зелените и либералите, минатиот месец подготви план што вклучува укинување на даночните ослободувања за земјоделските возила и даночните олеснувања за дизелот.
Предлозите се дел од пакетот за пополнување на празнината од 17 милијарди евра во буџетот за 2024 година.
Германската влада во четвртокот делумно ги ублажи своите планови и рече дека ослободувањата од данок на возила ќе се задржат и дека постепено ќе ги враќа субвенциите за гориво, но германското здружение на земјоделци инсистираше на целосно укинување на плановите и рече дека ќе продолжи со „неделата на акција“, која почнува денеска.
#Erfurt in eastern #Germany grinds to a halt as #farmers stage a nationwide REVOLTE, blocking almost all strategic highways. The protest underscores widespread concerns over various issues
.
.
.#GermanyProtests #FarmersRevolt #PriceHikeProtest #EconomicConcerns #ProtestBlockade… pic.twitter.com/7yAZDd5ZXE— Khabari Lal Tv (@khabarilaltv) January 8, 2024