Ова не е виц: Грковска, едно Лото ливче, Господ и Америка !
Постои виц во кој еден човек 7 години оди во Црква и се моли да му падне 7ца на Лото, за да после 7те години Господ му се обрати и му каже - Нели мислиш дека треба да уплатиш и лото ливче? Така и наша Грковска...
Речиси секоја изјава на Министерката задолжена за добро владееење ме тера да земам во рака некој број на легендарните Алан Форд. Не за друго, нејзиното фантазмагорично министерство кое , што би рекол Таче, „го нема нигде во свет“, сепак го има во стрип ремек делото на Макс и Банкер , претставено преку нивното „ Министерство за истражување на руда и губење на време “.
Нејсе, стварно не знам дали министеркава била импресионирана од форумот на кој присуствувала во пријателска Америка, но има ли некој да и каже дека е крајно несоодветно да користи термин „Малигни влијанија на Балканот“.
Не поради друго, но поради фактот што во време на нејзините политички комради се случува најбестијалниот и најморбидниот скандал на Скопска онкологија, скандал кој го нема никаде во светот. Малку емпатија немаше да и’ штети на добровладејачката Грковска.
Но ме интересира, дали Грковска со гордост им ги објасни на нашите американски пријатели техниките на оваа Влада кои продуцираат добровладеечки поведенија на министрите и останатите владини службеници, како што се следниве:
– Паркирање на владино возило на самиот плоштад во Скопје, во дел од плоштадот кој има сервисна намена
– Бркање на новинарите од Галеријата на Собранието при гласање на техничката Влада
– Вгостување на т.н. гости, некои косовско-албански ТВ „ѕвезди“ во истата Галерија на Собранието н каде истите си ги одмараа нозете дигајќи ги на ракохватот, кој вообичаено не се наменети за долните туку за горните екстремитети
– Организирање на прес конференција на еден министер кој се одѕива на презиме Бектеши, кој директно и без тронка срам навреди наклевети медиуми без при тоа да понуди некаков доказ
– Дека имаме генијалец технички Премиер со IQ повисок од Ајнштајн, кој му држи лекции на Холандскиот Амбасадор Јан Коп дека нема што тој да се меша во Судскиот совет, тело каде Холандија истури тон пари во последните 7 години.
– Практично докажување дека „во здравото тело е и здравиот дух“ што се гледа преку едно министерство каде неколку министри практикуваат фудбал на мали голчиња, кошарка, песна и музика…а можеби се игра и тенис или софт бол.
– Горди лидери сме на рекордот по корупција и криминал, кој беше нотиран и од амбасадорката Агелер, кои беа именувани како „ЕПИДЕМИЈА НА КОРУПЦИЈА“
Се надевам дека утрешниот молитвен појадок добровладеечката Министерка Грковска ќе го искористи за – вистинската молитва!
Текстот е козерија базирана на вистински настани кои ни се случуваат последните 10 години.
Иван С. Мирчевски
Извор: Канал 5