„НОВА ГОДИНА СО ПОВИСОКИ СМЕТКИ – Граѓаните натоварени со “електродифузна„ такса“

Нова година, нови повисоки сметки за струја. Власта на Ковачевски на граѓаните им ја честита новата година со нова давачка која ќе биде вкалкулирана во сметките за електрична енергија. СДС се фалеше дека ја укинал радиодифузната такса, ама затоа воведе своевидна “електродифузна такса“ или мрежарина која ќе ги зголеми сметките за 250 денари, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека дополнително со покачувањето во третиот блок сметките ќе пораснат за 120 денари во просек, што значи дека од јануари граѓаните ќе плаќаат по 400 денари повеќе за струја.

Ако на ова додадеме дека во изминатите 7 години електричната енергија е поскапена за дополнителни 50% ќе добиеме целосна слика за неспособноста и неодговорноста на оваа власт на ДУИ и СДС. Народот е принуден да избира дали да гладува или да смрзнува, додека функционерите на власта прават криминал со народните пари, особено во енергетскиот систем, истакнуваат тие.

Според нив со ова поскапување на удар ќе бидат граѓаните, нивниот стандард и нивните семејни буџети.

 Ако досега едвај врзуваа крај со крај, со новите повисоки цени на електричната енергија животот на граѓаните ќе биде уште потежок. Да потсетиме дека околу 600.000 граѓани живеат на работ на сиромаштијата, а 80 илјади во екстремна сиромаштија. Сега овие семејства ќе треба да делат од устата на своите деца, за да платат поскапи сметки и тоа ќе придонесе уште повеќе да расте сиромаштијата во Македонија. Со секој поминат ден со оваа власт се потврдува дека Никогаш не било полошо. Затоа, важно е да ги поразиме, стои во соопштението.