Во осветените води на Вардар влегоа 157 граѓани, седумнаесетгодишниот Ѓорѓи Николовски го фати осветениот крст во Скопје
Годинава, во осветените води на Вардар влегоа 157 граѓани кои се обидоа да го фатат Светиот крст.
Меѓу нив најмногу среќа имаше младо момче, кое прво стигна до крстот и го извлече од водите на Вардар.
Станува збор за Ѓорѓи Николовски. Тој е од Скопје и има 17 години.
Сѐ најдобро за сите, Господ е голем. Господ гледа сѐ, сите да имаат единство и да се обедини Македонија и македонскиот народ – изјави среќниот фаќач.
Одбележувањето на празникот Богојавление-Водици почна во 9 часот со архиерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ со која чиноначалствуваше архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан.
По завршување на литургијата, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан заедно со свештенството во поворка се упати кон мостот „Слобода“.
На чинот на осветување на водите на реката Вардар присуствуваат и премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, градоначалничката Данела Арсовска.