Вечер објавува: Хекуран Асани е ВНУК НА ВОЗАЧОТ ШЕФКИ и му е прв комшија на Ахмети?!
Новиот предлог за директор на М-НАВ Хекуран Асани, како што дознава Вечер.мк од извори во Владата, има завршено средно образование во Гимназијата “Мирко Милески“, по ново позната како “Дрита“ во Кичево, е прв сосед на Али Ахмети и братучед на Шефки, возачот на Али Ахмети.
Дали ова го прави кадар кој, како што беше наведено, ги исполнува условите за таа позиција?
Деновиве се појави и веста дека Хекуран Асани е внук на Ахмети, која премиерот Ковачевски ниту ја потврди ниту ја демантираше бидејќи, како што рече, не им ги знаел семејните релации, туку само професионалната биографија.
– Не знам чиј внук е, 25 години е контролор на летање, рече Ковачевски.
Според информациите на Вечер.мк, Хекуран Асани е прв комшија на Али Ахмети и братучед на Шефки, возачот на Али Ахмети и торбарот за кеш, криминал и корупција.
Прашан за тоа како успеале да променат две владини одлуки во неколку часа, да предложат едно лице, да утврдат дека не исполнува услови и да донесат нов заклучок со друго лице – премиерот изјави дека не гледа ништо спорно.
– Јас гледав многу информации кои одеа во медиумите. Имаше повеќе кандидати кои беа предложени и разгледувани од страна на Владата, и врз основа на тоа се дојде до двајца кандидати. Меѓутоа се виде дека според статутот мора да биде контролор на летање. Од сите негови кандидати, кандидатот кој е избран, е оценет како квалитетен. Донесена е добра одлука, додаде Ковачевски.
Дај друго дете, ама и тоа не исполнува услови
Првично за истата позиција се споменуваше името на Илир Мехмеди, но откако било утврдено дека тој не ги исполнува условите, стигна новиот предлог – Хекуран Асани за кого од Владата образложија дека е вработен во „М-НАВ“ од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање. Во 2010 година Асани се стекнува со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и интруктор за областа контрола на летање. Хекуран Асани како вработен во М-НАВ и долгогодишен контролор на летање, воедно ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање.
Првоспоменатиот за разлика од Асани, не ги исполнувал условите затоа што прво доаѓа од редовите на Агенцијата за цивилно воздухопловство, а не од македонската навигација. И второ, немал валидна дозвола за надзорен контролор за летање, ниту, пак, имал шестгодишно работно искуство како контролор, нешто што се бара со член 17 од статутот на македонската навигација. Интересно е и тоа што додека директорувал со Агенцијата за цивилновоздухопловство ревизорите констатирале трошења на пари.
Упадот на Беким Незири – причина за кадровски промени во М-НАВ
Смената следуваше по инцидентот кога група напаѓачи влегоа во М- НАВ и вербално и физички нападнаа неколку контролори на летање. Групата ја предводеше високиот функционер на ДУИ Беким Незири.
Асани како член на УО и Милан Кораќ, кој доаѓа на позицијата извршен директор, доаѓаат на местата на разрешените Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски.
Кораќ на позицијата извршен директор во СВТ во М-НАВ доаѓа од позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје. Кораќ пред позицијата во М-НАВ, 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, и тоа на позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Милан Кораќ има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството.
Извор: Вечер.мк