„Бехтел и Eнка“ се уште не почнале со градба, се вршат гео-механички истражувања за автопатот Прилеп-Битола

По веќе „легнатите“ близу 200 милиони евра и во очекување на новата транша од 250 милиони евра народни пари, „Бехтел и Енка“ конечно се се појавија на терен. На Делницата 4 од Коридорот 10Д, на неколку места долж трасата, може да се забележи механизација. Ама, не за да го гради новиот автопат Прилеп-Битола, туку да врши истражувања на теренот.

Фамозната табла за Коридорот 10Д беше откриена на 12 мај лани, во присуство на цела владина свита. Оттогаш, цели четири месеци долж трасата немаше никакви видливи градежни активности, за во септември, сега веќе екс-премиерот Ковачевски, со стискање на копчето за минирање, помпезно да го најави почетокот на градежните работи на автопатот Прилеп-Битола кој треба да биде готов до 2027 година.

„Со денешното минирање на оваа делница, ние практично ја засилуваме динамиката на градежните работи на Коридорот 10Д“, изјави тогаш Ковачевски.

Досегашните слабо-видливи градежни работи на делниците од двата коридора, власта ги правдаше со напуштањето на т.н. „црвен фидик“ и со примената на новиот модел за изградба на овој Проект, со кој напоредно се работело и на проектниот дел, и на градежните работи, и на експропријацијата. Или, она што досега се работело за 10 години, сега биле потребни само пет месеци.

Инаку, изградбата на четирите автопати од двата коридори, Македонија треба да ја чинат фасцинатни 1,3 милијарди евра. Меѓутоа, тука не се влезени трошоците за експропријација, кои се проценуваат на дополнителни 300 милиони евра, што пак, остава простор за сериозна загриженост дека овој Проект земјава ќе ја чини многу повеќе. Ова, дотолку повеќе што со Програмата за финасирање на патна инфраструктура за Проектот Коридор 8 и Коридор 10Д за 2024 година, која стапи на сила на 26-ти месецов, нови 250 милиони евра од државниот Буџет ќе добијат „Бехтел и Енка“ и годинава. Овие пари ќе се трошеле за „капитални индиректни трошоци, односно на трошоци кои се задолжени од странски изведувач и се во функција на поддршка на градежни активности“.

Извор: ТВ Алфа

Comments are closed.